Економија, финансии, бизнис

Контакт

Продажбата на „Тетекс“ падна за половина милион евра во споредба со лани!

Продажбата на „Тетекс“ падна за половина милион евра во споредба со лани!

Трошоците за вработените пораснале во споредба со лани, трошоците за суровини и материјали останале исти, а продажбата во земјава и странство паднала за 37 отсто

Најголемата македонска текстилна компанија „Тетекс“ бележи пад на приходите од продажба за 37 отсто (околу 500.000 евра помалку) за првите три месеци годинава во споредба со истиот квартал лани, пишува во консолидираниот биланс на успех за првиот квартал објавен на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Македонскиот текстилен гигант и бренд на пазарите на поранешна СФРЈ бележи пад на приходите од продажба и во земјава и во странство. Лани за првиот квартал тој приход бил 81,14 милиони денари, а годинава тој изнесува 50,9 милиони денари. На странскиот пазар „Тетекс“ ефектуирал 20,5 милиони денари што во споредба со лани е пад од 25 отсто, а на домашниот пазар падот на продажбата изнесува 44 отсто односно лани приходот бил 53,8 милиони денари, а годинава е 30,4 милиони денари.

Уште полош е скорот и поголема е разликата кога ќе се споредуваат оперативните приходи на компанијата. Лани вo првиот квартал тие изнесувале речиси 120 милиони денари (околу 2 милиони евра), а годинава изнесуваат 57,1 милиони денари. Податоците покажуваат дека приходите на „Тетекс“ се преполовени односно се пониски за 62,8 милиони денари (повеќе од еден милион евра).

На расходната страна менаџментот на „Тетекс“ крател кај ставаката „набавна вредност на вредност на трговски стоки“ која лани изнесувала 20 милиони денари, а годинава е помалку од 5 милиони денари. Значајно кратење има и кај ставката „услуги со карактер на материјални трошоци“ за која лани биле потрошени 23,2 милиони денари, а годинава 3,7 милиони денари. Сепак и покрај намалениот обем на продажби во овој период пораснал трошокот за вработените во „Тетекс“ што е втора најголема ставка на расходната страна на билансот. За тоа се потрошени 25 милиони денари, а за истиот период лани се потрошени 23,7 милиони денари.

Оперативната загуба на компанијата за овој квартал е 14,86 милиони денари, а вкупната загуба е 32,85 милиони денари (над 500.000 евра) заради тоа што дополнителни 24,3 милиони денари се загуба од удел на „Тетекс“ во придружени друштва.

Како и да е, компанијата слично како и лани, од камати на вложувања и заеми, успеала да оствари приход од 7,66 милиони денари (над 124.000 евра).

И покрај лошите финансиски резултати акцијата на „Тетекс“ на Македонската берза деновиве се тргуваше на годишниот максимум што изнесува 620 денари за акција.

Најголем поединечен акционер во „Тетекс“ е Глигорие Гоговски – извршен директор кој поседува 12,14 отсто од акциите во таа компанија. Во „Тетекс“, според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, има уште 1.297 акционери – домашни физички лица кои поседуваат повеќе од 76 отсто од акциите со право на глас.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести