ПРОДАЖБА НА МЕСНИ ПРОИЗВОДИ НА ПАЗАРИТЕ - Бектеши ветува дека Владата засекогаш ќе го реши проблемот, но кога, не прецизира
Владата има намера еднаш засекогаш да го реши проблемот со продажбата на месни производи на тезгите на пазарите, особено во пресрет на летните месеци, кога тоа е опасно за здравјето на граѓаните.
Ова го најави министерот за економија Крешник Бектеш, одговарајќи на новинарско прашање што планира Владата да преземе околу овој проблем кој постои со години.
„Тоа е проблем на кој Министерството за економија работи на негово решавање. Ние работиме на измени на Законот за потрошуваччите и на Законот за безбедност на производите. Очекувам наредните месеци тоа прашање да биде решено и ние решението ќе го испратиме до Владата, и тој проблем ќе биде решен еднаш засекогаш“, рече Бектеши.
Сепак, тој прецизно не наведе кога конечно ќе се најде решение за овој проблем.
„Има точни стандарди кои треба да ги исполнува храната која се продава, и тоа не само на пазарите, туку и во дуќаните, ќе мора да се продаваат производи согласно тие стандарди“, рече Бектеши.
