Економија, финансии, бизнис

Контакт

Продаден „Бристол“, скопскиот хотел има нов сопственик

Продаден „Бристол“, скопскиот хотел има нов сопственик

АД „Македонијатурист“ го продаде хотелот Бристол во центарот на Скопје. Според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, нов сопственик е ГМ Проперти. Сумата на купопродажбата засега останува непозната, а единствено тоа можно е да биде објавена во наредниот период како информација на Македонска берза.

ГМ Проперти е фирма која е основана во октомври 2024 за услужни дејности. Во текот на минатата година немала приходи, а единствено податоците од Централниот регистар покажуваат дека е под финансиска изложеност со подигнато банкарско кредитирање од 5 милиони евра.

Единствен сопственик на ГМ Проперти во моментов е Емил Кратовалиев,член на Управниот одбор на Уника (Друштво за осигурување СИГАЛ Иншуренс Груп АД Скопје). Основач заедно со Кратовалиев бил и Зоран Антиќ, но сопственикот на МГ Фешн и акционер на „Македонијатурист“ излегол од сопствеништвото во текот на есента минатата година.

Компанијата во мај донесе одлука да ги отуѓи хотелите „Бристол“ и „Јадран“, познат и како Арапска куќа, заедно со дополнителен недвижен имот во централното градско подрачје. Одлуката беше усвоена на седница на Собранието на акционери одржана на 22 мај, а информацијата беше објавена преку Македонската берза.

Хотел „Бристол“ во Скопје е еден од најзначајните историски хотели во Македонија и се смета за најстариот сочуван хотелски објект во градот. Изграден е во 1923 година по нарачка на познатите скопски трговци Атанас (Ташко) и Ристо Караџа, а свечено бил отворен на 24 април 1924 година. 

Сместен е на денешната улица „Македонија“, во непосредна близина на тогашната Железничка станица, а историски гледано бил еден од главните места за престој на патници, трговци, дипломати и јавни личности кои доаѓале во Скопје. Во периодот меѓу двете светски војни и со децении по нив, „Бристол“ бил симбол на скопскиот боемски живот. Познато е дека хотелот располага со 33 соби, ресторан и придружни содржини

А.К.

Слично

Поврзани вести