Прочитајте! Како пензиските фондови стануваат македонски инвеститорски џинови?
Приватните пензиски фондови чуваат над 578
милиони евра пари на идните пензионери до крајот на септември лани. Од друга
страна пак вкупните средства на приватните пензиски фондови надминуваат 747,5
милиони евра. Замислете дека за некоја година менаџерите на овие финансиски
џинови можат да бидат помоќни и од министер за финансии...
Граѓаните до крајот на септември 2016 година во приватните пензиски фондови чуваат 35,7 милијарди денари, покажуваат најновите податоци на централната банка објавени деновиве, а се однесува на билансот и прегледот за пензиските фондови на македонскиот пазар. За период од една година вредноста на влоговите во пензии на идните пензионери пораснала за 5,5 милијарди денари односно за 89 милиони евра и тоа во периодот од крајот на септември 2015 година до крајот на септември лани. Во нашата земја оперираат четири пензиски фондови од кои два се задолжителни фондови од кои со по еден управуваат Комерцијална банка и НЛБ Скопје, а во другите два пензиски фондови се вложува на доброволна основа.
Официјалната статистика покажува дека од почетокот на 2014 година до сега вредноста на приватните пензиски фондови во земјава се зголемила за 12,71 милијарди денари односно за речиси 206 милиони евра. Во споредба со почетокот на 2014 година односно за две години и девет месеци вредноста на фондовите пораснала за 55 отсто, покажува статистиката.
Вкупните средства пак на фондовите изнесуваат 46,12 милијарди денари односно
747,5 милиони евра на крајот на септеври лани. Во споредба со истиот период во
2015 година односно во рок од една година вредноста на средствата на фондовите
пораснала за 7,83 милијарди денари односно за 126,9 милиони евра. Од почетокот
на оваа година до крај на септември средствата на фондовите пораснале за 5,3
милијарди денари.
Структура на средствата со кои располагаат фондовите
Прво, од структурата на средствата, достапна на официјалниот сајт на централната банка, евидентно е дека најмногу вложуваат во хартии од вредност што ги издава нашата држава. До крајот на септември лани фондовите во држави хартии од вредност чуваат 27,44 милијарди денари односно околу 450 милиони евра. Од почетокот на годинава до крајот на септември фондовите во државите облигации инвестирале 3,62 милијарди денари односно околу 60 милиони евра. Според статистиката од почетокот на 2014 година па до крајот на септември годинава влогот во државни обврзници пораснал од 16,95 милијарди денари на 27,44 милијарди денари. Тоа е раст за 10,49 милијарди денари односно за 170 милиони евра односно за феноменални 62 отсто!!! А тоа е така благодарејќи на националната регулатива што ја уредува дејноста на оваа индустрија.
Втора по големина ставка се вложувањата во акции и останат капитал. Тука доминираат вложувањата во странска валута и тоа во акции на нерезиденти односна на странски веројатно мултинационални компании. Тука фондовите до крај на септември лани чуваат 12,55 милијарди денари и во споредба со почетокот на 2014 година до крајот на третиот квартал лани тој влог е безмалку дуплиран. Во акции кои се тргуваат на домашната односно на Македонската берза нашите фондови инвестирале 1,39 милијарди денари од своите средства односно 22,5 милиони евра. И со тоа вкупните инвестиции во домашни и странски хартии од вредност изнесуваат 13,94 милијарди денари. А тоа е половина од тоа што фондовите го инвестирале во државните хартии од вредност.
На трето и воедно последно место се вложувањата во валути и депозити во вкупен износ од 3,75 милијарди денари. Тука доминираат вложувањата во сотанати депозити во денари и тие се во износ од 3,4 милијарди денари на крајот на септември лани. Во странски валути фондовите чуваат средства во вредност од само 87 милиони денари.
Р.Ф.