Прочитајте како „Комерцијална банка“ ги стопли срцата на инвеститорите?
Профитот по акција е 342 денари, намалени се драстично загубите за
оштетување на нефинансиски средства, а при намалено кредитирање банката успеала
да одржи висока разлика на приходите од и расходите за камати се разбира во
сопствена корист! А тука е и џокерот „останати приходи од дејноста“ од каде
влегле 552,1 милиони денари засилувајќи ја добивката до солидни 779,4 милиони
денари или 48 отсто повеќе од 2015 година
Добивката на „Комерцијална банка“ во 2016 година пораснала за 48 отсто во споредба со профитот што банката го оствари во 2015 година и таа за лани изнесува 779,4 милиони денари односно 12,63 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од билансот на успех што го објави оваа голема домашна банка.
Нето добивката по акција изнесува 342 денари што е за 112 денари повеќе од
добивката на банката во 2015 година. Во однос на последната пазарна цена на таа
акција која изнесува околу 3.000 денари добивката по акција , доколку се подели
цела во дивиденда, би значела принос од 11,4 отсто.
Од достапните податоци се гледа дека банката имала солиден четврти квартал во кој успеала да одржи високо ниво на раст на профитот во однос на третиот квартал. Податоците покажуваат дека во периодот октомври-декември добивката на банката пораснала за 253 милиони денари
Од анализата на податоците се добива перцепција дека менаџментот на банката паралелно работел на рационализација на трошоците особено на загубата за оштетување на нефинансиски средства, а истовремено со тоа успеал да оддржи солидна висока разлика помеѓу приходите од камати и расходите на банката за камати. Овде мора да се истакне и многу значајната ставка „останати приходи од дејноста“ од кои банката има 552,1 милиони денари што е за 220 милиони денари односно 66 отсто повеќе од приходите по тој основ една година претходно.
Нето каматите за лани изнесуваат 3,078 милијарди денари и во споредба со
претходната година бележат пад од само 3 отсто односно 99 милиони денари.
Вкупниот приход од камати пак бележи пад од 260 милиони денари и е на ниво од
3,64 милијарди денари. Многу значаен момент е што, како и другите банки,
„Комерцијална банка“ има големо снижување на расходите за камати. Тие лани
изнесуваат 558,2 милиони денари и во однос на 2015 година се пониски за 22
отсто односно за 159,2 милиони денари. Значи при пад на приходите од камати од
260 милиони денари, банката својот расход за камати го намалила за 159,2
милиони денари. Но за да бидат работите појасни ќе појасниме вака: при пад на
приходите од камати за 6,7 отсто, расходите за камати банката ги намалила за 22
отсто!
Кај втората по големина приходна ставка банката успеала да инкасира 864,3 милиони денари од провизии и надоместоци што во односн на 2015 година е намалување од триесетина милиони денари. Тука треба да се споменат и малите ставки: нето приходи од тргување и нето приходите од курсни разлики кај кои банката бележи значајни подобри резултати во однос на 2015 година.
На расходната страна на билансот најважно е намалувањето на трошокот кој се
книжи како загуба поради оштетување на нефинансиски средства. Како што
напишавме тој е сведен на 347,8 милиони денари и е понизок за 185 милиони
денари во однос на 2015 година. Кај резервациите износот е 1,75 милијарди
денари и е минимално зголемен во однос на лани. Тоа е направено во услови на
намалена кредитна активност.
„Комерцијална банка“ лани има кредитни пласмани во вкупен износ од 45,27
милијарди денари што е 2,38 милијарди денари помалку од 2015 година.
Очигледно
е дека банката повнимателно пласирала пари во однос на претходната година.
Наспроти тоа „Комерцијална банка“ го зголемила позајмувањето на други банки и
на крајот на ланската година во таа ставка има 10,084 милијарди денари што е за
876 милиони денари повеќе од износот што по таа основа бил реализиран во 2015
година.
Од билансот на состојба евидентно е дека „Комерцијална банка“ продолжува да
ужива голема доверба кај своите штедачи. На крајот на декември 2016 година
депозитите на останатите коминтенти достигнаа ниво од 87,18 милијарди денари
што е за 4 отсто односно 3,38 милијарди денари.
