Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пробугарските ботовски мрежи ја засилија „војната“ - Има ли Македонија одговор?

Пробугарските ботовски мрежи ја засилија „војната“ - Има ли Македонија одговор?

Непосредно пред да се одржат парламентарните избори во Бугарија се забележа засилена активност на пробугарските ботовски мрежи кои водат „света војна“ на македонскиот интернет простор и на социјалните медиуми, обидувајќи се да ја прошират пропагандата и да создадат длабоки поделби во општеството.

Нивните активности продолжуваат и по победата на новиот бугарски премиер Румен Радев кој до неодамна беше претседател на Бугарија, како и во очи на обидите за закажување меѓудржавни средби на кои треба да се разговара за подобрување на односите и наоѓање решение од сегашната блокада на европскиот пат. Но, дали Македонија има одговор на хибридните закани и како треба да се справи со „воинствените ботови“.

Секако, постои и автентичен „радикализам“ кај реални корисници на социјалните мрежи кои се инспирирани од ботовите, и затоа најопасниот дел од хибридната војна е кога луѓето почнуваат да се однесуваат како ботовите, споделувајќи и засилувајќи ги нивните „факти“.

Најлоша точка во односите од 1991 година

Односите меѓу Скопје и Софија никогаш не биле толку влошени од 1991 година досега. Имало и претходно епизоди на дипломатски притисоци и медиумски кампањи, но никогаш атмосферата не била каква што е сега. Тоа може да се забележи од начинот на кој известуваат медиумите, од недостигот на дијалог на сите полиња, а да не беше брзо подадената рака од Бугарија за трагедијата во Кочани некој ќе помислеше дека сме сместени во фаза на „студена војна“ со источниот сосед.

Поплавата од пробугарски ботови може да се забележи на бројни објави на интернет и на социјалните медиуми, дури и на такви кои немаат никаква допирна точка со политика, историја, меѓудржавни односи и итн. Коментарите и постовите се веќе видени, се шират тешки навреди врз Македонците, и се споделуваат фабрикувани „факти“ за историјата.

Сето тоа е зачинето со изјави и исечоци од ставови на македонски политичари, политички аналитичари, уметници, историчари и јавни личности за „бугарско“ будење во Македонија, за „лажната“ историја, за комунистите, Тито, коминтерната и уште еден куп веќе излитени, досадни и иритантни клишеа и ревизионизми.

Не помага тоа што од бугарска страна во официјалната комуникација, значи не од ботовските мрежи, туку од највисоките државни функционери се користат термини како „Северномакедонците“ и „северномакедонски“, термини кои дури се забранети и со Преспанскиот договор.

Како против алгоритмите кои обожуваат омраза и поделби?

Дел од ова навидум „нагло“ зголемување на досегот на ботовските мрежи и лажните профили е што самите алгоритми на социјалните мрежи како Фејсбук ги фаворизираат негативните емоции.

Тоа подразбира подолг ангажман од корисниците, па така ако видите навредлива објава против Македонците или лажна вест за Гоце Делчев или македонските револуционери поверојатно е да кликнете и да се вклучите во дебатирање, коментирање или ваши контра-објави.

Таквиот социјален инженеринг за технолошки гиганти како Фејсбук одамна е претворен во вообичаен бизнис модел, и тука нема емоции, само профит, без оглед какви штети се предизвикуваат, па најмалку би се загрижил Цукерберг за некоја точка на планетата наречена Балкан.

Затоа и многу помоќни држави немаат цврсти механизми за справување со хибридните закани кои се кроени според алгоритмите на Фејсбук. Мерките може да бидат локални, на пример разоткривање на странски агентури кои ги финансираат и управуваат со овие ботовски мрежи или пак, ангажирање на контра-ботови за борба со пропагандите.

Еден од моделите за надминување на оваа несфатлива омраза е Македонија и Бугарија да формираат заедничко формално или неформално тело на професионалци, кое ќе се занимава со проверка на факти и спречување на лажни вести, ширење на омраза и поделби.

Внатрешни поделби и плодна почва за странски мешања

Една од причините за „ефикасноста“ на ботовските операции е внатрешната поделба. Несфатливо е како СДСМ продолжува да тоне по прашањето на заштита на националните интереси во налетот на обидите за ревизија на националната историја, јазик и идентитет на Македонија преку бугарското вето за членство во ЕУ.

СДСМ го постави „Дамакловиот меч“ преку прифаќањето на т.н. француски предлог во кој е ставен и протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија, каде се опфатени прашањата за ревизија на историјата, историските личности, образованието, учебниците, ловот на „говор на омраза“ итн, од каде всушност доаѓа и најголемата закана за вечно блокирање од страна на Софија, надополнето како дел од преговарачката рамка, односно свесно прифаќање на билатеризација на евроинтегративниот пат.

Дел од овие хибридни операции се претпоставува дека се и „диктирани“ од Москва за дополнително да внесе раздор и недоверба кон Европската Унија, но факт е и дека без „домашна плодна почва“, таквите пропаганди и лажни вести не би никнувале како печурки.

Власта исто така делува летаргично по ова прашање и не ги користи сите ресурси и алатки кои и се на располагање како земја членка на НАТО, ниту има формирано домашна стратешка комуникациска рамка која ќе ги разоткрива овие мрежи и ќе воспостави јасен, прецизен и транспарентен одговор.

Како општество мора да бидеме повеќе свесни за начинот на кој функционираат овие алатки, да ги пријавиме сите постови, профили и страни кои делуваат сомнително, да го зголемиме притисокот за реакција на надлежните.

Справувањето со ботовските мрежи не е само задача на државата, туку и на секој поединец. Мораме да се изгради колективен отпор дека секој коментар на провокација е „гориво“ за алгоритми кои само ја засилуваат хибридната закана.

Х.С.

Слично

Поврзани вести