Проблемите со снабдувањето „удрија“ по продажбата на германски автомобили во јуни
Продажбата на германски автомобили нагло падна во јуни бидејќи секторот е погоден од проблеми со снабдувањето, пишува enca.
Регистрациите на нови автомобили во најмоќната европска економија паднаа за 18,1 отсто на годишно ниво на 224.558 единици во јуни, се вели во соопштението на федералната транспортна управа KBA.
Продажбата на нови автомобили веќе падна за 10,2 отсто во мај и за 21,5 отсто во април.
Нешто повеќе од 1,2 милиони автомобили се регистрирани во Германија во првата половина на 2022 година, 11 отсто помалку отколку во истиот период минатата година.
Производителите на автомобили веќе се бореа со проблеми со снабдувањето во 2021 година, што доведе до прекини на производството и пад на продажбата.
Тие проблеми опстојуваа во последниве месеци бидејќи затворањето во Кина и избувнувањето на војната во Украина создадоа тешкотии во набавката на клучните компоненти.
Немаше „никаков знак“ дека пазарот ќе се сврти во втората половина од годината, рече аналитичарот на EY, Питер Фус.
Покрај проблемите со понудата, зголемената инфлација ја ограничува „подготвеноста за купување“ на потрошувачите и инвестицискиот апетит на компаниите, рече тој.
