Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРОБЛЕМИ СО ИСПЛАТАТА НА МОЈДДВ: Дел од граѓаните се уште не ги добиле парите на сметка

ПРОБЛЕМИ СО ИСПЛАТАТА НА МОЈДДВ: Дел од граѓаните се уште не ги добиле парите на сметка

Управата за јавни приходи (УЈП) информираше дека исплатата на повратот на средства од мерката „МојДДВ“ за скенираните фискални сметки во третиот квартал од 2025 година не е запрена ниту одложена, туку е во тек, со краток застој поради технички проблем во системот.

Од УЈП објаснуваат дека кај дел од спецификациите за исплата се појавил технички дефект кој бара целосна преработка, бидејќи доколку само еден корисник има промена на банка или трансакциска сметка, целиот налог системски се враќа и исплатата се стопира и за останатите корисници во истиот налог.

„Предизвикот е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување. Целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани“, соопштуваат од УЈП.

Исплатата за граѓаните со валидни и потврдени податоци е во тек, а за останатите средства ќе бидат исплатени веднаш по завршување на техничката преработка.

Од Управата апелираат до граѓаните кои прават промена на банка или трансакциска сметка, веднаш да ги ажурираат податоците во системот, за да се избегнат идни доцнења.

Сепак, дел од граѓаните со кои разговараше Фактор велат дека не направиле никаква промена на сметка или банка, а сепак сè уште немаат добиено средства од повратот.

„Ја имам истата трансакциска сметка повеќе од 15 години и досега исплатата секогаш стигнуваше навреме. Се надевам дека деновиве парите конечно ќе легнат, бидејќи не го достигнав ниту целиот лимит“, вели скопјанка која редовно учествува во мерката.

Од УЈП уверуваат дека повратот на ДДВ ќе биде целосно исплатен на сите граѓани кои имаат право на него.


Слично

Поврзани вести