Пробиен уште еден рок за автопатот Миладиновци - Штип
Иако на 13 мај беше најавено негово пуштање во официјална употреба за две недели, вчера беше пробиен и тој последно најавен рок. Овој пат неговото отворање е уште еднаш одложено, но сега за една недела. Dиректорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов сега вели дека тоа ќе се случи до крајот на неделата.
„Оваа недела ќе биде пуштен автопатот. Вчера бев лично на увид, за две дена завршуваат последните метражи и последниот дел на поставување на заштитна мрежа. После тоа ќе може да се пушти во сообраќај, со тоа што на две места од по 100-200 метри ќе има времен режим на сообраќај, бидејќи надвор од автопатот ќе се работи во близина на автопатот, работи кои треба да се од корист на граѓаните. Во меѓувреме завршува тендерот за сите евидентирани слабости и недостатоци на главниот проект, којшто во наредниот период, а тоа се наредните 2-3 месеци комплетно треба да бидат елиминирани. Некаде во средината на летниот период треба да отпочне изградбата на патарините, но за тоа потоа“, изјави Китанов.
Од ЈП за државни патишта пред две недели соопштија дека се привршува со ставањето на заштитните огради, а на неколку локации ќе има времен режим на сообраќај. Директорот Китанов тврдеше дека со пуштањето се доцни поради грешки во проектирањето затоа што што не била предвидена изградбата на сервисни патишта околу автоапатот.
Овој автопат кој треба да го скрати патувањето од Скопје до Штип започна да се гради во 2014 година, беа пробиени неколку рокови, па новата власт уште лани најави дека е време да биде пуштен во употреба.
