Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРО&КОНТРА: Протести за пресудата во „Монструм“ или за социјален револт?

ПРО&КОНТРА: Протести за пресудата во „Монструм“ или за социјален револт?
Судската пресуда за случајот „Монструм“ предизвика протести и немири во Македонија. Но, што навистинас стои зад овој револт - неверување во исправноста на една судска одлука или сепак причините се подлабоки, социјални, меѓуетнички.... Аналитичарите со спротивставени ставови. Своите мислења за Фактор ги соочуваат политикологот Владимир Мисев и претседателот на Македонскиот центар за европско образование Андреја Стојковски. Фактор: Дали судската пресуда за случајот „Монструм“ е главната причина за протестите или тие беа само инцијална каписла за да се изрази незадоволство  од општата состојба во која се наоѓа земјата? Андреја Стојковски: Се сомневам дека протестите по случајот „Монструм“ беа автентичен израз на револт од општата состојба. Повеќето од оние кои протестираа изразуваа незадоволство од состојбата која веќе подолг период наназад ја создаваме. Протестите се последица на растечкиот национализам, етничка нетрпеливост, стереотипите и недовербата кои ги создаваме со секој збор што го кажуваме. На последните избори партиите кои ја составија новата Влада бараа 62, односно 25 пратеници за да не може никој да ги уценува. Ниту Албанците – Македонците, ниту Македонците – Албанците. Владимир Мисев: Протестите беа директен резултат на пресудата од случајот „Монструм“. Иако делумно го оправдувам незадоволството кај дел од македонските граѓани вклучувајќи ги граѓаните од албанската етничка заедница заради социјалната состојба во која се наоѓаат, ваквиот начин на протест никако не го оправдувам. Фактор: Како го толкувате молкот на македонскиот претседател Иванов ? Андреја Стојковски: Нема промена во односот на македонскиот претседател! На многупати досега претседателот Иванов одлучил дека е подобро за него да молчи. Очигледно оние кои го поставуваат прашањето за неговата неактивност или пак му забележуваат дека го нема во јавноста, дека во периоди критични за натамошниот опстанок на државата молчи и не си ја врши задачата на „татко на нацијата“ имаат „погрешна“ претстава за тоа што треба да прави претседателот. Што се однесува до опозицијата, тие досега во повеќе наврати го изнесоа својот став за состојбата во која живееме. Ако изборите се индикатор за волјата на народот, тогаш индикаторот вели дека одговорноста за состојбата во државата е на оној кој ги добил изборите! Владимир Мисев: Една од работите која што Претседателот може да го направи е да го свика Советот за безбедност доколку ситуацијата излезе од контрола. Исто така може да ги повика лидерите на политичките партии да ги повикаат своите симпатизери да се воздржат од насилни протести. Сепак, како што покажа последното истражување на Институтот за демократија, граѓаните очекуваат пред се од Владата и министерствата да ги нормализираат меѓуетничките односи затоа што и најголем дел од овластувањата и одговорностите лежат таму. Фактор: Потребна ли е меѓународна помош за смирување на тензиите и нормализирање на политичката состојба во Македониja? Андреја Стојковски: Досега во повеќе наврати недостатокот на политички дијалог во државава покажал дека е потребно сериозно залагање на надворешни чинители за да може да се надмине кризата и да се нормализираат односите. Активното учество на меѓународниот фактор не прави секогаш помалку и помалку држава, но од друга страна, очигледно е дека и без нивното учество немаме доволно капацитет за да можеме да ги решаваме проблемите кои самите ги создаваме. Владимир Мисев:  Сметам дека Република Македонија има искуство и капацитет за надминување на проблеми од ваков карактер. Сепак со мене не се согласуваат поголем дел од граѓаните од албанска националност кои сметаат дека меѓународната заедница треба да се вклучи во надминувањето на овие проблеми. Дополнително етничките Македонци сметаат дека религозните заедници треба да имаат поголема миротворна улога во целата ситуација. Фактор: Што би било излез од ваквата ситуација кога власта и опозицијата не можат да постигнат договор. Опозцијата не се откажува од своите барања, власта не сака ни да чуе за техничка Влада? Андреја Стојковски: Власта и опозицијата треба најпрвин да ги разложат своите барања во точки, па потоа веројатно ќе можат да седнат и да преговараат поединечно точка по точка. Така очекувам дека ќе им биде поедноставно да се договорат, иако тешко дека некого ќе го натерате да се откаже од правото да управува! Да не ја сокриеме шумата од дрвјата! Ајде да ги договориме следните чекори: 1) попис; 2) слобода на медиумите; 3) независно судство; 4) департизација на администрацијата и државата; 5) прочистување на избирачкиот список; 6) избори. Меѓутоа, имајќи го предвид портфолиото на нашата Влада, опозицијата има секое право да се сомнева во нејзиниот демократски капацитет. Владимир Мисев: Сметам дека решението ќе биде постигнато на есен кога ќе се договорат да ги отворат другите точки предложени од опозицијата т.е департизацијата на јавната администрација и регулација на јавниот сервис. Барањето за техничка влада според мене е нереално и не води кон надминување на актуелната политичка криза. Горазд Чомовски
Слично

Поврзани вести