Приведени 9 наводни припадници на ИСИС, 27 се во бегство
Во антитерористичката акција ,,Ќелија" што утрово ја спроведе МВР во повеќе градови низ Македонија, уапсени се 9 лица, а по 27 се трага.
Приведените се осомничени дека се припадници на структурите на исламската држава и се товарат за организирање и врбување на поединци да се приклучат кон силите на ИСИС.
Дел од нив, денеска беа и на распит во Кривичниот суд во Скопје. Меѓу уапсените е имамот Мемиши од Скопје.
Полицијата направила претрес во Тутунсез џамијата во Скопје и во градовите Гостивар, Струга, Тетово и Куманово.
Операцијата започнала од септември минатата година, од кога полицијата собирала докази за осомничените.
Според информациите на МВР, околу 130 државјани на Македонија досега биле или се уште се наоѓаат на фронтовите во Сирија и Ирак.
Инаку, со новиот кривичен законик во Македонија, 5 години казна затвор се предвидува за сите македонски учесници, инструктори, финансиери и логистичари во воените конфликти на Блискиот Исток.
