Приведени 27 лица по вечерашните инциденти во Ѓорче Петров
Вкупно 27 лица се приведени вечерва по протестите во Ѓорче Петров, организирани заради убиството на матурантот Ангел Петковски, соопшти МВР.
„Тие се наоѓаат во полициска станица, со нив се разговара и по целосно документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави“, информираше портпаролот на МВР Иво Котевски на пресконференцијата вечерва.
Во инцидентите меѓу демонстрантите и полицијата се повредени и неколку полицајци, а оштетени се и повеќе полициски возила. Полицијата нема информации за повредени цивили на протестите.
Детален извештај од протестите полицијата ќе објави во текот на утрешниот ден. На улиците на Ѓорче Петров ситуацијата се смирува, но и натаму е видливо засилено полициско присуство.
Поголема група граѓани, најмногу млади лица, потестираа денеска во оваа населба заради убиството на младиот Ангел Петковски од страна на крадецот на неговиот велосипед. Тие се судрија со полицијата кога се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и да се упатат кон Сарај.
Полицијата има осомничен за убиството - 19-годишниот Насер Е., на кого веќе му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.
Слично
