Приведени 13 демонстранти од синоќешните протести во Скопје
Приведени се 13 демонстранти при протестите што се случија синоќа во Скопје, по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува политичари од власта и опозицијата.
Со демонстрантите сѐ уште се разговара по што треба да се одреди квалификацијата на кривичното дело. Демонстрантите синоќа ја демолираа Народната канцеларија на претседателот Иванов. Искршени се прозорците и мебелот од канцеларијата, а оштетена е и зградата на Министерството за правда. Во протестите повреден е еден новинар од порталот Плусинфо и фоторепортер на весникот „Вечер“.
Претходно демонстрантите беа пред Собранието, а полицијата ги спречи да се упатат кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Бараа оставка на претседателот Иванов, замрзнување на активностите за одржување парламентарни избори на 5 јуни и формирање експертска Влада која ќе организира фер избори.
Синоќа пред Собранието, а потоа и пред седиштето на СДСМ се одржаа протести во организација на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ). Тие се незадоволни од одлуката на Иванов да се аболицираат лидерот на СДСМ, Зоран Заев и првообвинетиот во случајот „Пуч“, Зоран Верушевски.
Слично
