Економија, финансии, бизнис

Контакт

Приведен за насилство поранешен општински функционер во Охрид

Приведен за насилство поранешен општински функционер во Охрид

Поранешниот општински функционер во Охрид Гоце Симоноски, кој сега раководи со секторот за јавни дејности бил распрашуван во полиција речиси десет часа  поради кривична пријава од сегашен општински функционер кој го обвинува за закани и навреди. Симоновски посочува дека долго време бил подложен на притисоци и местенки.

Во понеделникот, еден час пред заврушување на работното време, Симоноски вербално се расправал со секретарот на локалната самоуправа Димитар Спасески, упатувајќи му груби и навредливи зборови, а не изостанале и закани. Во канцеларијата каде се вршело интервју и оценување на работењето на државните службеници, Симоноски викал: „ќе видиш што ќе ти направам, ќе ти се осветам тебе и на твоето семејство, ако не успеам јас ќе оставам аманет да ти се осветат“.

Според полицијата, тој се  обидел и физички да го нападне секретарот, замавнувајќи со рака кон него, но не успеал бидејќи Спасески навреме се тргнал.

Причина за инцидентот била негативната оцена што Симоноски ја  добил од Спасески, како негов сегашен претпоставен, што била идентична со негативната оцена добиена и од претходниот секретар.

Вербалната расправија на повисок тон и агресивното однесување се одвивало во присуство на вработен од секторот за правни и кадровски работи.

Симонски денеска не беше на работа. Утринава поднел документи за боледување.

„Јас не би коментирал, наведениот случај е пред соодветните органи така да не би сакал јавно ништо да коментирам во врска со тоа“ рече Димитар Спасески-секретар на Општина Охрид.

Полицијата против Симоноски поднесе кривична пријава за казнено дело „насилство“.

Слично

Поврзани вести