Приведен Саше Ивановски – Политико, делел флаери за себе среде изборен молк
Авторот на емисијата „Политико“ и сопственик на информативниот веб портал Мактел Саше Ивановски бил приведен вчера заради недозволено агитирање за време на изборниот молк, објави „Плусинфо“.
Ивановски, кој инаку е носител на кандидатската листа на Народното движење за Македонија (НДМ) во третата изборна единица делел промотивен материјал за себе.
Според полицијата, тој во истиот ден бил приведен два пати заедно со неговата сопруга - еднаш во Кратово и еднаш во Свети Николе, но тој тврди дека бил приведен само еднаш.
„Двајцата биле повикани во станица, каде дале изјава. Полицијата најави соодветна пријава за ова дело. Неколку часа подоцна, носителот на листата, во 18.20 часот повторно е приведен, овој пат во Свети Николе. Тој во градскиот парк во градот повторно делел партиски флаери, а полицајците кои интервенирале од него одзеле 9.370 партиски памфлети“, велат од МВР.
„Приведен бев само во Свети Николе, а не и во Кратово. Во Кратово ме застанаа полицајците ми рекоа да престанам да делам флаери, дека е прекршок и јас престанав. Потоа поминував низ Свети Николе и поделив неколку флаери. Полицијата ме забележа, ми ги зема флаерите ме приведоа, ги изброаја и ме пуштија за еден саат. Беа професионални и немаше никакво малтретирање“, изјавил Ивановски за „Плусинфо“, без да потенцира зошто го нарушил изборниот молк.
Слично
