Приватните специјализанти на дното на здравствениот систем
По пишувањето на Фактор за астрономските суми, кои се движат и до сто илјади евра кои идните специјализанти во Јавните здравствени установи мораат да ги остават како депозит, до редакцијата на Фактор се обратија и лекарите кои сами плаќаат за приватна специјализација. Лекарите велат дека со измените на новиот Закон за здравствена заштита зголемен е периодот на специјализирање на 5 или 6 години.
Проблемот за нив е што плаќаат од 1800 до 2000 евра година, но немаат никаква гаранција дека по завршувањето на специјализацијата ќе бидат вработени. Освен тоа за време на самата специјализација велат соочени се со дискриминаторски однос од страна на Јавните здравствени установи, мораат да работат без пари, често и спротивно на законот и со прекувремени дежурства.
За време на специјализацијата немаме право на свој печат, се водиме како да сме студенти. Во исто време не се водиме како вработени, не ни тече ниту стаж, а не тераат да дежураме спротивно на законот, без никаков надоместок, освен на клиниката за анестезија – вели лекар кој е на специјализација на скопските клиники.
Овие информации за Фактор во целост ги потврдија други лекари кои се на специјализација на скопските клиники, но кои велат дека се работи само за врвот на проблемот, а останатите проблеми дополнително ќе ги образложат. Од Министерството за здравство пак велат дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат нема добиено ниту една поплака за прекувремено задржување на работа на специјализантите од страна на клиниките.
Ги повикуваме сите учесници во здравствениот систем кои мислат дека им се прекршени правата или сакаат да пријават незаконско дејствие да дојдат или да се јават во Министерството за здравство или во Државниот здравствен и санитарен инспекторат – велат од Министерството за здравство.
Горчливи пресметки
Според пресметките на лекарите кои специјализираат во своја режија само за трошоците кон клиниките за 6 години треба да одвојат 12 илјади евра. На таа сума се додаваат трошоците за придонеси, книги, колоквиуми, плати, станување, кои заедно изнесуваат околу 36 илјади евра за 6 години. Така се доаѓа до сума од 50 илјади евра потребна за специјализација.
Со сегашните плати во јавниот сектор, пресметајте колку време е потребно за повраток на инвестицијата и зошто докторите се склони кон корупција – прашува лекар кој е на специјализација на скопските клиники.
Претседателот на Македонското лекарско друштво Јован Тофовски пак за Фактор вели дека се свесни за проблемите на специјализантите. Според Тофовски без разлика дали се работи за државна или приватна специјализација ригидните услови во законот се наметнати поради обидот на државата да ги задржи лекарите да не бегаат од јавното здравство. За проблемите на приватните специјализанти вели државата мора да има поголем слух, бидејќи поради лошите услови тие можат да бидат мотивирани да отидат во приватниот сектор или во странство.
Порано уставниот суд ги собори одлуките по специјализација лекарите да се приморуваат на работа до 10 години, сега со овие уставни судии не верувам дека тоа ќе се случи. Инаку состојбата со специјалистите е катастрофална, Куманово дали има еден гинеколог или двајца, исто е и во Штип, сите отидоа да работат приватно – вели Јован Тофовски, претседател на Македонското лекарско друштво.
Тофовски објаснува дека до државна специјализација се доаѓа прилично тешко, но лекарите мораат добро да се запознаат со условите, меѓу кои и со високите депозити. Според последна анализа на „Дојче веле“ за 6 години од македонското здравство поради различни причини, во приватни установи или во странство си заминале 500 специјалисти.
С.Р.
Слично
