Приватните друштва не знаеле дека има вработени на кои не им се плаќа придонес, МАПАС ќе соработува во истрагата
Приватните пензиски друштва, но и Агенцијата која ја контролира нивната работа велат дека не можеле да знаат за скандалот со пензиите затоа што немаат евиденција за нововработените лица. Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС денеска кратко соопштија дека ќе соработуваат со органите за случајот да се реши до крај. Од Сава пензиско друштво, едно од двете кои собираат пари од осгурениците во вториот приватен пензиски столб велат дека сите податоци за нововработените ги има државниот пензиски фонд ПИОМ,а тој е надлежен и за распределбата на вработените во приватните пензиски друштва. Министерството за труд и социјална политика денеска соопти дека е покренета кривична пријава за непознат сторител за случајот. Се тврди дека 12.000 идни пензионери се оштетени за вкупно 19 милиони евра. Тие воопшто не биле распределени во еден од Фондовите и за нив и покрај тоа што работадавачите уплаќале пари, осигурувањето одело само во ПИОМ.
Од Сава пензиско друштво велат дека овие 12.000 осигуреници сега за прв пат ќе бидат распределени во задолжителните пензиски фондови и за нив ќе се изврши уплата на задоцнетите придонеси. Овие лица претходно биле осигурени единствено во Фондот на ПИОМ.
„Друштвата за управување со пензиски фондови се само приматели на податоци за распределени членови и тие немаат евиденција за ново вработените лица за кои треба да се изврши распределба. Пензиските друштва ги добиваат информациите за распределените членови од Фондот на ПИОМ, согласно Законот во кој јасно е дефиниран начинот на распределба на истите“, стои во соопштението од Сава пензиско друштво.
Исто така, за оштетениете ќе мора да биде исплатен и износ на изгубената добивка.
„Според последните измени на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е воведена обврска со која Фондот на ПИОМ при ненавремен пренос на средствата и ненавремена распределба на членовите, покрај уплатениот придонес, ќе изврши уплата и на надоместок за ненавремена распределба, што значи дека овие 12.000 членови покрај уплата на пензиски придонес, ќе добијат и надоместок за ненавремена распределба, адекватен на изгубениот принос од инвестиции, велат од Сава пензиско друштво.
Од МАПАС велат дека во рамките на своите надлежности ќе соработува со надлежните институции заради заштита на интересите на членовите на пензиските фондови, поради скандалот со пензиите кој го откри Министерството за труд и социјална политика.
„Исто така, МАПАС ја известува јавноста дека ќе ги информира членовите за нивната распределба во соодветните пензиски фондови и за средствата кои ќе бидат пренесени на нивните индивидуални сметки, вклучувајќи и надоместок за ненавремена распределба“, се вели во соопштението од МАПАС.
Инаку според законот кој важеше до минатата година, секое лице кое за прв пат беше вработено после 1.1.2003 година, со распределба стануваше задолжителен член во вториот пензиски столб. Овие лица имаа рок од 3 месеци да изберат задолжителен пензиски фонд во кој ќе членуваат, во спротивно стануваа трајно распределени членови на задолжителниот пензиски фонд во кој Фондот на ПИОМ ги распределуваше, веднаш по првото вработување.
Овие 12.000 лица воопшто не биле распределени од ПИОМ. Парите од работадавчите стасувале до нив, но не и на приватните пензиски сметки. Обврските на ПИОМ се времено распределување на осигурениците во задолжителен пензиски фонд, пренесување на придонесите на членовите на пензиските фондови на сметките на избраните пензиски фондови кај чуварот на имот, доставување податоци преку Агенцијата МАПАС на друштвата или друштвата за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови и водење потполна и ажурна евиденција за индивидуалните сметки на членовите од која се гледа состојбата на придонесите уплатени за членовите во секој пензиски фонд.
А.Т.
