Притисок врз судските службеници кои штрајкуваат
Во судовите се штрајкува веќе девет дена, а почнаа и притисоците врз вработените, тврдат од УПОЗ.
На претседателите на судовите им било наложено до судскиот буџетски совет да достават списоци со вработени кои штрајкуваат.
За Синдикатот ова е обид да се направи поделба на вработените и да се заплашат дека доколку и натаму продолжат со штрајкот ќе добијат само 60% од платата, додаваат од УПОЗ. Според нив, ваквиот притисок уште повеќе ги тера да истраат во борбата за остварување на главните барања од штрајкот, зголемување на додатоците на плата и измена на Законот за судска служба.
„Синдикатот на УПОЗ е изненаден од ваквиот нов однос на Судскиот буџетски совет кој веројатно уште еднаш сака да бидат казнети судските службеници - првпат беа казнети кога надлежните не предвидоа зголемување на додатоците на плата и сега со евентуално намалување на нивата плата. Изгледа дека надлежните не знаат дека 70% од вработените во судовите земаат плата под просекот во Република Македонија. Затоа, доколку надлежните од судската власт решат да ја спроведат ваквата одлука, ќе ги доведат вработените во судовите во уште потешка социјална и економска состојба. Иако до денес бевме охрабрувани дека барањата се оправдани и издржани и добивавме поддршка од судската власт и претседателите на судовите, денес тие под закана за казнување се обидоа да ги тераат вработените да се потпишат на некакви списоци, што е спротивно на законот“ - велат од УПОЗ.
Судската власт мора да разбере дека штрајкот кој е во тек е резултат на нивниот нееднаков третман на судската служба и на игнорантскиот однос спрема Синдикатот и вработените во судовите, додаваат од УПОЗ. Оттаму објаснуваат дека вината за организирање на штрајкот е кај нив и доколку вработените во судовите бидат казнети со задршка на 40% од нивните плати, само ќе докажат дека Министерството за правда и Судскиот совет се џелати на сопствените вработени.
Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација минатата недела доставија Предлог - спогодба и доколку таа беше прифатена, штрајкот можеше да заврши веднаш.
