Пристигнува Хојт Ји – човекот од кој ДУИ очекува сигнал за избори
Американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Брајан Ји денеска престојува во официјална посета на Македонија. Во рамките на посетата ќе оствари средби со политичкиот врв на земјава - со претседателот Ѓорге Иванов, шефот на дипломатијата Никола Попоски, но и со лидерите на поголемите политички партии во власта и во опозицијата.
Во фокусот на разговорите на овие средби се очекува да биде евроатлантската интеграција на Македонија, спорот околу името, регионалната стабилност и односите со САД. Но, на дневен ред се очекува да се најдат и политичките случувања на домашен и на меѓународен план.
Од ДУИ најавуваат дека средбата на Хојт со лидерот Али Ахмети ќе биде суштинска за одлуката на интегративците дали да поддржат, освен претседателски, да се одржат и предвремени парламентарни избори. Посетите на високи делегации од САД и од ЕУ кон крајот на јануари и во почетокот на февруари може значително да влијаат во која насока ќе се одлучиме, најавуваат од партијата.
Хојт Ји има долгогодишна дипломатска кариера. На високата позиција во американската администрација доаѓа од функцијата заменик – амбасадор на САД во Хрватска, а претходно бил и генерален конзул на САД во Грција. Во ноември минатата година на функцијата заменик помошник државен секретар на САД го наследи Филип Рикер, кој е назначен за конзул на САД во Милано.
Слично
