Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пристигнаа нови 20 странски експерти за македонските компании

Пристигнаа нови 20 странски експерти за македонските компании
Вкупно 20 нови странски експерти ќе им помагаат со своето искуство на македонските компании во следниот период. Експертите, кои се дел од владиниот проект за странска експертска помош за македонскиот бизнис, ќе престојуваат во нивните компании-домаќини во следните два месеца. Во проектот вкупно се вклучени 105 домашни компании од преработувачка индустрија, но и во компании од производствената, техничка и технолошка индустрија, и во сферата на информатичко комуникациската дејност, од целата територија на Република Македонија со различна големина и од различни сектори. Сите тие се пријавиле на владиниот оглас и ќе можат да ја искористат странската експертска помош, а трошоците за тоа ќе ги покрие Владата. Ова е втор циклус од проектот, а и во првиот совети од странски експерти од Холандија и Германија добија 20 македонски компании. „Во овој циклус, покрај експертите од Холандија и Германија, се обезбедени експерти и од Швајцарија, Австрија, Италија и Европската банка за обнова и развој“, објаснува владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. Компаниите во однос на овие експерти, или ќе немаат никаков трошок, или пак ќе имаат минимален трошок во вид на минимален партиципативен надомест кој би го уплатиле по претходна нивна задолжителна согласност, и тој надомест во однос на другите трошоци е минимален затоа што ги покрива претежно споредните аспекти на ангажманот. Главните трошоци во поглед на обезбедување на експертот, дневници за надомест за неговата работа, превоз на експертот, се сервисираат во соработка на Владата и меѓународните организации во рамките на билатералната соработка. „Ние сметаме дека и во овој нов втор циклус, исто како и во првиот ќе се остварат целите на проектот, а тоа е компаниите да имаат конкретна корист од ангажираниот експерт, односно со неговите совети да се придонесе во унапредувањето на работата на компанијата и поголема нејзина профитабилност. Тоа е од интерес не само за компаниите и нивните сопственици, туку и за вработените во компаниите и за отворањето на нови работни места, но и за локалниот и општиот економски раст и развој на Република Македонија“, вели Ѓорѓиев.  
Слично

Поврзани вести