Пристигнаа италијанските доктори кои треба да ја постават на нозе Државната кардиохирургија
Реномираните италијански кардиохирурзи Роберто Чини и Антонино Маруло, кои треба да учествуваат во едукацијата на македонски доктори за Државната кардиохирургија, пристигнаа во Скопје на средба со премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.
Двајцата врвни кардиохирурзи треба директно да учествуваат и во медицинските активности во Државната кардиохирургија.
Според владината прес-служба, премиерот Груевски на средбата истакнал дека значаен приоритет и заложба на Владата на Република Македонија е унапредувањето на капацитетите и усовршување на кадрите преку осознавање и примена на нови методи во здравството. Било посочено дека формирањето на Државната кардиохирургија е предизвик кој постои 40 години и ова е конкретен чекор напред во достигнување на едно повисоко ниво на работа и конкретна реализација на овој проект кој е од интерес за граѓаните на Република Македонија.
Италијанските доктори изразиле подготвеност да ги пренесат своите знаења и да ги имплементираат новите методи на работа кои се применуваат во врвните центри за кардиохирургија, и нивната верба во капацитетот и подготвеноста на македонските лекари и нивната желба за напредок што е и цел на секој медицински работник.
Антонино Маруло е доктор и професор на Универзитетската болница Ла Сапиенца од Италија која е една од најпрестижните болници во Италија, а Роберто Чини е реномиран кардиохирург со искуство во повеќе врвни медицински центри во светот.
Засега не се открива колку ќе чини нивниот ангажман во Македонија, но од Министерството за здравство велат дека парите се веќе обезбедени во буџетот.
Слично
