Прилепски Мермерен комбинат ќе подели 2,75 милиони евра дивиденда!
Компанијата објави дека ќе даде 169,4 милиони денари нето дивиденда. Бруто дивиденда по акција е 40 денари
Прилепскиот Мермерен комбинат, на претстојното акционерско собрание, веројатно ќе ја усвои предлог одлуката со која неговите акционери ќе поделат 187,36 милиони денари бруто дивиденда. Ова е предлог одлуката што се наоѓа на интернет страницата на компанијата.
Во предлог одлуката е наведено дека акционерите ќе гласат за распределба на акумулирани добивки остварени до крајот на 2013 година како и на резерви кои се остварени до крајот на 2009 година. При тоа во предлог одлуката се предлага и дивиденден календар во кој е утврдено дека последен ден со право на дивиденда е 2 декември 2014 година.
Според најновиот ревизорски извештај за таа компанија за работењето во 2013 година пишува дека акумулираната добивка изнесува 329,7 милиони денари (5,35 милиони денари), што може да се потврди и од документот објавен на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност.
Најголем акционер во прилепската компанија е STONE WORKS HOLDING COOPERATIF U.A инвестициски фонд што поседува 88,4 отсто од акциите со право на глас во таа компанија. Втор најголем акционер е грчката „Пиреус банка“ која поседува 10 отсто од акциите. Доколку се усвои предлогот во тој случај грчкиот инвестициски фонд ќе повлече 149,1 милиони денари дивиденда, а приватната грчка банка ќе добие 16,94 милиони денари за своите 10 отсто од акциите.
Според официјалните податоци на Централниот депозитар за хартии од вредност во прилепската компанија акции имаат и 90 домашни физички лица кои заедно поседуваат 52.218 акции односно 1,11 отсто од капиталот. За нив дивидендата изнесува речиси 2,1 милиони денари односно околу 33.900 евра.
Од ова акционерско собрание корист ќе има и нашата држава затоа што во касата на буџетот ќе се влеат 17,9 милиони денари.
Прилепскиот Мермерен комбинат освен по тоа што е единсвен по својата дејност во нашата земја, се издвојува и по тоа што е единствена компанија на територијата на Република Македонија чија акција се тргува на грчката берза за хартии од вредност со седиште во Атина.
Р.Ф.
Слично
