Прилепска пиварница од домашниот пазар го „точи“ растот
Прилепска пиварница трендот на раст го потврди и со полугодишниот извештај за првите шест месеци од 2017 каде се бележи како зголемување на вкупните приходи, така и на крајната сеопфатна добивка на компанијата која работи се подобро.

Прилепска пиварница која е најмногу позната по пивскиот бренд Златен даб за периодот јануари-јуни годинава остварила вкупно 12,9 милиони евра оперативни приходи. На домашниот пазар растот во однос на претходното прво полугодие е најголем па така Прилепска пиварница дома успеала да продаде пијалоци во вредност од 12,6 милиони евра. Мал раст има и на продажбата во странство, но оваа ставка во вкупните приходи се уште не зазема голем процент.
Растот на приходите за Прилепска пиварница во првите шест месеци од годинава го следи и качување на вкупните оперативни расходи кои достигнале 11,8 милиони евра. Тука најголем раст во однос на расходите од истиот период лани има за трошоците за суровини и други материјали за што се потрошени 5,5 милиони евра или за 10% повеќе.
Трошоците за вработените на Прилепска пиварница достигнале нешто над 1 милион евра или за околу 5% повеќе во однос на истото полугодие лани. Тековните обврски на Прилепска пиварница се намалени за околу 15% па така во ова полугодие тие изнесуваат 4,7 милиони евра. Прилепска пиварница има и 4,3 милиони евра побарувања од купувачите.
Прилепска пиварница во овој полугодишен период работи за нијанса попрофитабилно од лани па така вкупната сеопфатна добивка сега изнесува 1,7 милиони евра.
Автор: Христијан Станоевиќ
