Прилеп одбележа 1000 години постоење
Со богата културна програма во центарот за култура „Марко Цепенков“, градот под Марковите Кули одбележа „Милениумска вечер“ по повод 1000 години постоење според пишаните документи каде градот се спомнува под називот „Прилепион“.
За време на одбележувањето беше отворена изложбата на Филип Перески, а истовремено во галеријата музичкото училиште „Јордан Михајлоски Оцка“ одржа концерт.
Во киното „Мис Стон“ пак се прикажуваше комедијата „Што сме му згрешиле на бога“, а од 23 часот беше прикажуван македонскиот филм „До балчак“.
Директорот на Центарот за култура Тони Чатлески, изрази задоволство што институцијата е активно вклучена во прославата.
Во организација на локалната самоуправа се одржа трибина во градската биоблиотека „Борка Талески“ насловена како „Илјада години Прилеп во колективната меморија за Самоиловата држава – 1000 години од Битката кај Беласица и смртта на Цар Самоил“.
Градоначалникот на Прилеп, Маријан Ристески, истакна дека се гордее што градот е еден од ретките кои одбележуваат ваков јубилеј.
„Оваа е милениумска вечер на Прилеп. Се случуваат многу настани. Граѓаните на Прилеп имаат што да одберат и да проследат. Освен тоа, проширено е работното време на прилепската чаршија до 3 часот изутрината. Оваа вечер навистина Прилеп се забавува и го прославува својот илјадити роденден, односно еден милениум постоење. Ова е во чест на роденденот на градот, а планираме вакви настани да имаме и во иднина“, истакна Ристески.
Слично
