Економија, финансии, бизнис

Контакт

Прилеп, интервју Марјан Ристески: Со зоната Алинци, Прилеп ќе стане економски лидер во регионот!

Прилеп, интервју Марјан Ристески: Со зоната Алинци, Прилеп ќе стане економски лидер во регионот!

Марјан Ристески, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Прилеп. Ристески е актуелен градоначалник кој по трет пат ќе ја бара довербата од граѓанитe. Дипломирал на економскиот факултет во Прилеп. Учесник е во воениот конфликт, со кој беше зафатена Република Македонија во 2001-та, и е еден од преживеаните по трагичниот настан кај месноста „Карпалак. Роден е во 1972 година. На својот противкандидат од редовите на СДСМ, Хари Локвенец му порачува оти е убеден дека граѓаните ќе ги препознаат приоритетите и пораката ќе му ја упатат н24 март.

Фактор: Со оглед дека сте меѓу ретките кои бараат трет мандат за градоначалник, со кој адут ќе настапите пред прилепчани, во однос на сработеното од претходните два мандата?

Ристески: Денес, при крајот на мојот втор мандат, над 90% од понудените проекти се веќе реализирани. Пред осум години, кога дојдов на оваа функција 65% од улиците во градот не беа асфалтирани, градот имаше несредена инфраструктура, околу 60% од градот немаше канализација и беше со катастрофално лоша водоводна мрежа. Дотогаш сликата за Прилеп беше: нечист град, град без улично осветлување, несреден, со  нерешен паркинг-простор, без средено место за одмор и забава за децата. Во градинките и во училиштата слободно можам да кажам дека немаше ништо вложено од нивната изградба. Општината беше оставена во огромни долгови, а во иста таква состојба се наоѓаа и јавните претпријатија.

Сега, после осум години Прилеп може да се пофали со нова асфалтна мрежа од 250 километри и со нова водоводна мрежа од 140 километри, со што Прилеп засекогаш го реши проблемот со водоснабдувањето. Доплнително ќе бидат отворени и 10 нови бунари, кои ќе даваат 130-140 литри вода во секунда и ќе го дополнат системот за во најкризните периоди градот да има дополнително снабдување со вода, особено во повисоките делови. Градот комплетно заврши со менувањето на уличното осветлување со енергетски ефикасни светилки и денес е еден од најштедливите и најосветлените градови во земјава. Ако порано сме плаќале 24,25 милиони денари за улично осветлување, сега плаќаме само 12 милиони, останатите ги инвестираме во други проекти, а еден од капиталните проекти во изминатава година беше целосно осветлување на коритото на градската река. Денес во голем дел е решен проблемот со паркирањето во строгиот центар. Изградена е и функционира една катна гаража, а се гради и втората катна гаража со трговскиот Сити центар.

Прилеп е една од ретките општини во Македонија којашто има реализација на буџетот од над 80%.

Фактор: Кој е клучниот проект што во оваа трка ќе им го понудите на жителите на Прилеп?

Ристески: Во наредниов период акцент ќе ставиме на економскиот развиток на нашиот град затоа што благодарение на Технолошко - индустриската зона Алинци, Прилеп треба да стане економски лидер во регионот. Новите локации во индустриските зони „Прилеп 2“ и „Прилеп 3“ како и веќе продадените градежни парцели во  индустриската зона „Прилеп 1“ се доволен показател дека стопанствениците го увиделе перспективниот развој на Прилеп. Практично,  најголема придобивка на градот е новиот ГУП кој е од инвестициски карактер, кој план овозможи и ќе овозможи во иднина голем број домашни и странски инвестиции да дојдат во Прилеп со цел подобрување на економијата и намалување на невработеноста. За само една година се продадоа многу локации за изградба на фабрики и погони во индустриската зона Прилеп 1, се подготвуваат нови индустриски зони, се распродадоа локации за колективен станбен простор за изградба на индивидуални објекти во новата населба Градина, се продадоа локации за делови објекти, нова автобуска станица итн.

Ќе започне изградбата на пречистителната станица за отпадни води со изградба на канализациона  мрежа, проект на ЕУ, Владата на РМ и Општина  Прилеп вреден дваесет милиони евра.

Ќе продолжиме да инвестираме во подобрување на патната инфраструктура до населените места што ќе  овозможи просперитет, развој и заживување на истите. Прилеп после долги години како реална потреба ќе добие градски превоз. Но, исто така ќе се насочиме кон реализација на проектот за изградба на Фабрика за отпад за производство на електрична енергија и био-гас, со што Прилеп ќе стане еколошки лидер во регионов.

Фактор: Кога може да се очекува старт  на производство во индустриската зона, со оглед дека парцелите се продaдени?

Ристески: Веќе е завршен тендерот за избор на најповолен понудувач за иведба на подземната и надземната инфраструктура во Индустриската зона Прилеп 1. Продадени се 21 градежна парцела со вкупна површина од  50.000 м2. Во текот на наредната недела се очекува да започнат и градежните работи околу изградба на инфраструктурата која е основа за непречен развој на економијата.

Во таа насока сакам да потенцирам дека имаме најава од 4 компании дека до крајот на месец март и почетокот на месец април ќе започнат градежните активности за изградба на новите капацитети  кои во своите рамки  ќе апсолвираат дел од неексплотираната работна сила а воедно ќе придонесат кон намалување на бројот на невработеноста во Прилеп. Исто така, благодарение на добрата соработка со Владата на Р.М во декември месец во присуство на Претседателот на Владата Г-дин Никола Груевски и голем дел од владиниот врв беше поставен камен – темелник за отпочнување на градежните активности околу изградба на инфраструктура во Технолошко – индустриската развојна зона Алинци, која е наменета за привлекување на странски инвестиции.

Исто така голем е интересот од страна на стопанствениците за индустриската зона Прилеп 2 која во најскоро време ќе биде понудена за продажба, која се наоѓа на локацијата од  поранешниот сточен пазар со намена за изградба на мали производни погони и сервиси, каде се предвидени 14 локации за продажба со просечна големина од 1000 м2.  За потребите на стопанствениците и проширување на нивните производствени капацитети за продажба ќе биде понудена и индустриската зона Прилеп 3.

Фактор: Прилеп важи за општина со една од највисоките стапки на невработеност, какви економски проекти ќе понудите за намалување на невработеноста?

Ристески:  Со градењето на неколку нови трговски центри Прилеп ќе прерасне во центар за трговија во регионот. Изградба на новите капацитети во индустриските зони и слободната економска зона „Алинци“ кои во своите рамки  ќе апсолвираат дел од слободната работна сила која постои на пазарот на труд ќе овозможат намалување на бројот на невработеноста во Прилеп. До сега за овие 8 години владеење на оваа Локална самоуправа статистичките податоци на Агенцијата за вработување покажуваат дека невработеноста во Општина Прилеп е намалена за што зборува и фактот дека во 2007 година имало 24.800 невработени, а сега во 2013 година има 16.700 невработени. Со ова темпо ќе продолжиме и понатаму да бараме инвестиции во приватниот сектор со цел да ја намалиме уште повеќе невработеноста во Општина Прилеп.

Фактор: Почнавте со еден проект со кој во општината го вработувате најдобриот студент, но, сметате ли дека сепак тоа треба да биде задача на приватниот сектор, тој да ги вработува младите кадри, а не тие да чекаат работа во администрација? И како да се постигне тоа?

Ристески: Сметам дека потегот кој го презедовме е со цел Општината да располага со квалитетни кадри кои ќе придонесат кон ефикасност во пружењето услуги кон граѓаните. Воедно сакавме Општина Прилеп да биде пример кој ќе го следат сите стопанственици кои во своите компании ќе регрутираат квалитетни кадри кои во иднина ќе придонесат за развој на локалната економија.

Фактор: Колку пари од европските фондови успеавте да земете како општина и за што се искористени?         

Ристески: Општина Прилеп активно ги користи фондовите на ЕУ и досега има искористено околу 23 милиони евра европски пари. Овие средства се искористени за реализација на најразлични проекти. Тука би ја спомнал изградбата на канализациона мрежа во населбата „Варош“, изградба на пат помеѓу населените места Канатларци и Подмол, изградба на пат до населеното место Манастир, Мариово. Имплементација на проектот „Граѓански сервис центар – Едношалтерски систен“, со кој се овозможи обезбедување на подобри услуги за граѓаните за период од 48 часа. Со проектот финансиран од ИПА фондовите на ЕУ извршена е комплетна промена на дограмата во 10 училишни згради, со што се обезбедија подобри услови за работа, а се придонесе и кон заштеда на енергија. Во фаза на имплементација е проектот „План за развој на прекугранична заедничка заштита од пожарFIRESHIELD, од програмата за прекугранична соработка со Грција во соработка со Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

Најзначаен проект чија реализација е веќе отпочната е прокетот за реконструкција на канализационата мрежа во која е предвидена рехабилитација на околу 63 километри канализациона мрежа и изграда на Прочистителна станица за отпадни води. Сакам да нагласам дека и самата подготовка на проектот и физибилити студијата за истиот беше финансирана со средства од ЕУ. Реализацијата на овој проект ќе придонесе кон намалување на процнтот на загаденост на водата во Градската река што индиректно ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на земјоделските производи, како и заштита на животната средина.

Да напоменам дека претходно беа искористени и 10 милиони евра донација од Германската влада преку КФВ банката за Проект„Реконструкција на водоводната мрежа, а Прилеп стана лидер во регионот по искористување на странски донации за разни проекти.

Фактор: Што ќе му порачате на Вашиот противкандидат од СДСМ?

Ристески: За разлика од мојот противкандидат јас имам програма со проекти кои како досега така и на овие избори граѓаните ќе ги препознаат своите приоритети. Мојот против кандидат нема никаква програма и се расфрла со нереални идеи. Пораката за неговиот несериозен пристап ќе му ја упатат граѓаните на 24 март.

Фактор:Важите за сигурен играч на ВМРО-ДПМНЕ. Дали сте сигурни во својата победа?

Ристески: Доколку не би бил сигурен не би се кандидирал за трет мандат. Сигурноста која ја имам во целост произлегува од довербата и поддршката која ја добивам од Моите Прилепчани,од моите сограѓани.

Фактор: Доколку по трет пат станете градоначалник, имате ли визија за фестивалот на пивото  кој е еден од симболите на градот? Може ли во блиска иднина да се очекува и некоја светска позната група?

Ристеки: Фестивалот на пивото е бренд број еден, кој е актуелен во Балкански рамки и успева да собере голем број на граѓани од Македонија и надвор од границите. Нашата цел е овој настан уште оваа година да прерасне во светски бренд, така да имињата на изведувачите за кои размислуваме секако дека ќе ја оправдаат оваа наша заложба. За што сум сигурен дека ќе се задоволат вкусовите на посетителите, а Фестивалот на пивото ќе биде тема број еден во нашата држава и пошироко.

А, дополнително, бидејќи Прилеп е најфудбалскиот град и заслужува да има Храм на фудбалот – по англиски терк. Но, не само тоа ќе никнат и многу други спортски објекти: 6 нови спортски сали во кои ќе биде реконструирана и салата Партизан или Соколана, повеќе мултинаменски игралишта, фудбалски терени со вештачка трева, голем стадион со вештачка трева донација од УЕФА, тениски игралишта, нов скејт парк , вештачка карпа, картинг патека, мото крос патека по меѓународни стандарди , сала за куглање - боулинг  и многу други работи.

Прилеп ќе добие и модерен аква парк – приватна инвестиција покрај Могилата на непобедените. И понатаму ќе продолжиме да го поддржуваме развојот на спортот. Затоа што спортот е дел од нашето национално чувство, тој е нашиот најголем амбасадор, она што не прави горди на својата земја. Општина Прилеп и понатаму ќе продолжи да ги наградува сите успешни спортисти кои достојно го презентираат градот и Р.Македонија во развојот на спортот на различни натпревари. Прилеп и понатаму како и досега по клуч ќе распределува финансиски средства за поддршка на сите клубови во градот. Прилеп во наредниве 4 години ќе биде најфудбалскиот и најспортскиот град во Р.Македонија. Затоа што тоа го заслужува.

Ќе работиме на целосна реконструкција на Марковите кули симболот на нашиот град.  Крали Марко последниот македонски крал кој е симбол на нашиот град ќе добие импозантен споменик во центарот на градот. Плоштадот „Александрија“ ќе добие и нови содржини.  Мултинаменски објект , планетариум и 3Д кино идеа произлезена од моите сограѓани,од Проектот „Ден на идеи“. После 20 години Прилеп ќе добие нова кино сала во Домот на клутурата „Марко Цепенков“. Но, исто така тука морам да напоменам дека го изградивме  Арт плоштадот, плоштадот Александрија, плоштадот Карпалак, а го реконструиравме и плоштадот Методија Андонов - Ченто. Се реновираа околу 40.000 м2 во строгиот центар, имаме нови зелени површини од над 140 м2 и Прилеп е единствениот град во Македонија кој за одржување на овие површини користи технолошка вода. Денес, Прилеп е најчистиот град во Македонија. Реконструирани се Могилата на непобедените, Меморијалниот музеј 11 Октомври или Участакот во Прилеп кои се симбол на Прилеп како град првоборец и град народен херој, во просториите на Музејот на град Прилеп се отвори поставка за археолошки артефакти.

Слично

Поврзани вести