Економија, финансии, бизнис

Контакт

Прилеп, интервју Хари Локвенец: Само со Маркови Кули и со микроакумулациите ќе вработиме нови 6500 луѓе!

Прилеп, интервју Хари Локвенец: Само со Маркови Кули и со микроакумулациите ќе вработиме нови 6500 луѓе!

Хари Локвенец, кандидат на СДСМ за градоначалник на Прилеп. Работи како професор на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје. Завршил Електро Технички Факултет во Скопје, додека постдипломските студии ги завршил во 2008 година на SCHILLER UNIVERSITY во Тампа, Флорида. Родене во 1970 во Прилеп. На противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески му порачува дека е убеден оти граѓаните ќе ја препознаат вистнската програма на СДСМ и тие сами ќе му ја пренесат пораката на 24 март.

Фактор: Со кој адут ќе настапите пред прилепчани во изборната кампања?

 Локванец: Отворањето нови работни места се врвен приоритет во мојата изборна програма и за тоа компромис нема! Ставањето во функција на сите расположливи ресурси, создавањето на услови за домашни и странски инвестиции, подобрување на бизнис климата и можностите за засилен развој на претприемништвото и стопанство, се основните предуслови кои неизбежно ќе резултираат со забрзан локален економски развој.

Фактор: Кој е клучниот проект што во оваа трка ќе им го понудите на жителите на Прилеп?

Локвенец: Гасификација на Прилеп е најголемиот и најважниот проект за градот. Студијата која за таа цел ја направивме покажува дека корист од овој евтин енергенс првенствено ќе имаат стопанските капацитети кои имаат потреба од процесна и топлотна енергија, а потоа, се разбира, и јавните институции и домаќинствата. Сигурен сум дека реализацијата на овој проект директно ќе придонесе и за подобрување на конкурентноста на прилепските фирми на странскиот пазар, но и за подобрување на семејниот буџет на прилепчани.

Фактор: Голем дел од прилепчани беа незадоволни по силните контроли на УЈП во овој град, како ќе се справите со тоа незадоволство?

Локвенец: Главниот проблем со кој се соочуваат пред сѐ прилепските дуќанџии, се енормно високите казни кои ги изрекуваат инспекциските служби. Пратеничката група на СДСМ еднаш веќе изготви измени во законската регулатива која се однесува на висината на изречените казни, кое парламентарното мнозинство не ги прифати. Заедно со Здружението на приватните стопанственици, со занаетчиите, ќе подготвиме разумни предлози за висината на казните и истите ќе ги доставиме до Собранието на Република Македонија. Се надевам дека овој пат пратениците ќе ја согледаат реалната потреба од измена на постојната законска регулатива.  

Фактор: Кои се останатите проекти со кои ќе понудите локален економски развој на општината?

Локвенец: Сакам да Ви го претставам проектот 500 микроакумулации. Тие отвораат можност за брз економски развој. Микроакумулациите се стратешко, долгорочно, планско и техничко решение кое ќе овозможи наводнување на земјоделското земјиште во нашата Пелагонија. Имаме дефинирано повеќе од 500 профили за изградба на микоакумулации. Сакаме да опфатиме 40 милиони метри кубни вода во акумулациите, со која ќе може да се наводнуваат 20 илјади хектари земјоделско обработливо земјиште. Ова е крупен зафат кој ќе биде голем предизвик. За секој индивидуален земјоделец, за сите физички и правни лица, дури и за странските инвеститори. На сите нив на располагање ќе им ги дадеме сите технички информации за микроакумулациите. Покрај тоа општината ќе користи средства од буџетот, фондови, донации и кредити за изградба на микроакумулации.

Но, исто така идејата на вториот проект е Маркови Кули да ги искористиме како економски потенцијал. Марковите Кули ќе ги внесиме во листата на УНЕСКО. Ова подрачје погодно за туризам и рекреација е од непроценливо природно и културно богатство. Треба да го понудиме на домашната и странската јавност.  За таа цел ќе изградиме соодветна туристичка инфраструктура: Средновековен пат: Прилеп – Дабница – Манастир Трескавец, Северо-Источна заобиколница околу Марковите Кули, набљудувачници и амбиентални пунктови. Ќе организираме алтернативни облици на туризам: Културен, манастирски, селски, туризам за геолошки содржини, алпинизам, и научен туризам.

Ќе се уредат повеќе туристички пунктови: Маркови Кули, плато околу црквата Свети Димитрија, манастирот Трескавец, куќа Дабовиќ, Дабница, Дупјачани, Горно Село и други. Ќе уредиме угостителските објекти: Акропола Маркови Кули, Под Кули, Дабовиќ и други. Тоа ќе ни даде подлога да се организираат меѓународни, национални и локални проекти за истражување, организирање на разни семинари, школи и работилници. Просторот ќе биде соодветен за организирање на стопански активности, изложби и спортски манифестации.

Фактор: Прилеп важи за општина со една од највисоките стапки на невработеност, какви економски проекти ќе понудите за намалување на невработеноста?

Локвенец: Како што реков, отворањето нови работни места, односно намалувањето на невработеноста, ќе биде мојот врвен приоритет. За таа цел имам изготвено повеќе мерки. Овде би ги издвоил изградбата на 500 микроакумулации кои во перспектива ќе придонесат за отворање 5.000 работни места. Освен како културно-историско наследство, Марковите Кули ги гледам како најголем економски потенцијал на градот, каде во следниот период по проект со самоодржлив развој, директно ќе може да се вработат 1.500 лица, а индиректно и двојно повеќе.

Фактор:  Што ќе му порачате на Вашиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ?

Локвенец: Во моите јавни настапи и во директните средби со граѓаните, јас им се обраќам ним, на граѓаните. Им укажувам на работите кои во изминатите 8 години ги направил, или поточно речено, не ги направил мојот противкандидат и актуелен градоначалник на Прилеп. Пред сѐ се фокусирам на моите идеи, на мојата програма. Доколку граѓаните на Општина Прилеп  во неа ги пронајдат и ги препознаат вистинските вредности, тогаш сум сигурен дека мојата порака до противкандидатот тие самите ќе му ја пренесат на 24 март.

Фактор: Важите за сигурен играч на СДСМ, но и Вашиот противканддат важи за сигурен играч во ВМРО-ДПМНЕ. Дали сте сигурни во својата победа? Локвенец: Апсолутно! Сето она што од официјализирањето на мојата кандидатура па до денес се случуваше во градот, отпорот кон актуелната централна и локална власт кој моите сограѓани цели два месеца на храбар и достоинствен начин го искажуваа низ прилепските улици, како и поддршката која постојано ја добивам, укажува на тоа дека нашата коалиција „Сојуз за иднината“ во Прилеп ќе победи! Убеден сум во тоа!

Фактор: Доколку станете градоначалник, имате ли визија за фестивалот на пивото кој е еден од симболите на градот? Може ли во блиска иднина да се очекува и некоја светска позната група?

Локвенец: „Пивофест“ се роди во времето кога со градот раководеше градоначалник од редот на СДСМ, кога мнозинството во Советот на Општина Прилеп исто така го имаше СДСМ. Значи ако веќе мојата партија била таа која го увидела бенефитот која оваа манифестација ќе му го донесе на градот, тогаш нема причина да не работиме на неговиот понатамошен развој. А за тоа како и во кој правец треба „Пивофест“ да се развива, најдобро ќе кажат граѓаните и прилепските стопанственици.

Слично

Поврзани вести