Приклучокот на гасоводна мрежа во Скопје ќе чини 100 евра?
За стан од околу 80 метри квадратни, приклучокот на гас во Скопје ќе чини околу 100 евра или 6.000 денари, покажа студијата за оправданост на гасификацијата, претставена на конференцијата „Енергетска политика - потреби“.
Процесот на гасификација на државата се одвива непречено независно од изгледите за реализација на гасоводот „Јужен тек“, сметаат експертите. За гасификацијата на Скопје е распишан оглас за јавно-приватно партнерство, што завршува на 26 јуни.
„Се очекува во наредниот период постапката да продолжи и да се одбере концесионер што ќе стопанисува со истиот во наредните 20 години. Се проценува дека проектот за гасификација на Скопје ќе изнесува 100 милиони евра“, вели Крсте Миладинов, од Македонски енергетски ресурси.
Професорот Константин Димитров укажа дека со актуелните потреби на природен гас Македонија во следните пет години нема да има проблем со снабдувањето со гас и под услов да не се надмине проблемот со Јужен тек.
Струмица е единствената општина во Македонија што засега има сопствена дистрибутивна мрежа на гас од 20 километри и сопствена компресорска станица со капацитет од 2.500 кубни метри на час. Во 2012 и во 2013 година на гасоводната мрежа во градот се приклучија сите градинки, основни и средни училишта.
„Ако во 2011 и во 2012 година тие потрошиле 21 милион денари за нафта за греење, во 2013 г. по гасификацијата нивниот трошок за гас изнесува 9 милиони и 800 илјади денари за гас“, вели Зоран Китанов, директорот на „Струмица гас“.
Во октомври 2013 г. се приклучени и првите домаќинства во Струмица, а трошокот за приклучување тогаш ги чинел 700 евра.
Слично
