ПРИХОДИТЕ ЌЕ СЕ НАМАЛАТ, АМА БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ – еве зошто се кратат приливите на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор
Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за следната година ќе има помалку приливи во касата, но планира зголемување на бројот на вработени. Годишната програма на Агенцијата, која е задолжена за издавање дозволи за јавен железнички превоз, дозволи за превоз за сопствени потреби, дозволи за управување со железничка инфраструктура, како и за контрола на издадените дозволи е доставена во Собранието.
Агенцијата е надлежна да решава по жалби на железничките превозници, да спроведува контрола над квалитетот на железничките услуги од превозниците, од аспект на точност, безбедност и достапност на услугите, но и контроли над активностите на компаниите во насока на почитување на правата на патниците.
Податоците од годишната програма на агенцијата покажуваат дека иако се малку на број, вработените во неа можат да бидат задоволни од платите кои ги добиваат, особено имајќи ги предвид состојбите во земјава. Според она што е посочено, следната година ќе се зголемат платите на вработените во Агенцијата, ќе се зголеми вкупната сума за плати за вработените и поради раст на нивниот број.
Имено вкупните трошоци кои се предвидени за плати, над 6,8 милиони денари ако се поделат меѓу пет вработени, бидејќи како што се наведува во програмата сега има тројца вработени, а се планира вработување на уште двајца, тогаш тие месечно ќе делат по 1.800 евра бруто плати.
- За 2025 година се предвидени средства за исплата на нето плати, надоместоци на плати и даноци и придонеси од плати во износ од 6.837.000 денари што во однос на 2024 се зголемени за 10 проценти. При планирање на средствата за исплата на плати на 3 тековно вработени, 2 нови вработувања земен е во предвид ефектот на инфлацијата како и планираните усогласувања на платите во јавниот сектор – се нагласува во програмата.
Секако е јасно дека не сите имаат еднакви плати поради систематизацијата на работните места.
Паралелно со расходите за плати се планирани трошоци за потрошени материјали што е неопходно за тековното работење, како и за оддржување на просториите и за оваа ставка се планирани 580.000 денари. За енергија се планираат 305.000 денари, додека за ставката инвестиционо одржување 100.000денари. Планирани се 1.035.000 денари за фиксна и мобилна телефонија, интернет пристап, поштенски услуги, поправка и одржување на софтверска и хардверска опрема, услуги за копирање, печатење и издавање...
Во текот на следната година агенцијата планира и набавка на опрема и средства во износ од 1.845.000 денари кои се помали за 41 проценти во однос на оваа година. Се посочува дека причината за набавката е дотраeност на опремата и зголемување на бројот на вработени.
Меѓу планираните расходи се и трошоци за интелектуални услуги за што се планираат 3.961.000 денари кои во однос на тековната година се намалени за 25 проценти. Дополнително Агенцијата планира и средства за превоз за вработените при извршување на работните задачи, и тоа во висина од 25.000 денари. За реклами се планираат 120.000денари, за други материјални расходи 45.000 денари, за провизии за платен промет 50.000денари, за осигурување на деловниот објект 50.000 денари, за дневници за службени патувања и патни трошоци1.100.000 денари...
Во програмата е истакнато дека следната година приходите кои ќе се слеат во нивната каса согласно законските одредби ќе бидат намалени.
- Приходниот дел од финансискиот план за 2025 година на Агенцијата се предвидува во износ од 16.803.000 денари, што во однос на минатата година е помал за 11 проценти.
Во 2025 година не се предвидува ненаплатената годишна такса за регулирање на пазарот на железнички услуги од минати години бидејки во текот на 2024 година пресметаниот надоместокот за годишна такса целосно е наплатен.
Годишна такса за регулирање на пазарот на железнички услуги за 2025 година во износ од 3.703.000 денари, е проценет врз основа на реализираниот надоместок за користење на железничката инфраструктура за 2024 година, истиот е поголем за 4 отсто како резултат на планиран зголемен превоз во текот на годината– се појаснува во извештајот.
Од Агенцијата укажуваат дека на приходната страна се планирани и нереализирани средства од 2024 година. Износот на средства кои се предвидува да бидат пренесени е 12.658.399 денари што е на ниво од минатата година. Оддржувањето на ова ниво на пренесени средства се должи на наплата на годишна такса од минати години од Железници на Република Северна Македонија - Транспорт АД Скопје и спроведени мерки на штедење. Други приходи кои се очекува да се влеат во касата се во износ од 441.601денари кои произлегуваат од издадени дозволи за превоз, камати, провизии од трансакциски сметки во банка...
П.О.
