ПРИДОНЕСОТ НА БИЗНИС-ЗАЕДНИЦАТА ЗА ЗАБРЗУВАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ НА ЕВРОПСКИ ИНТЕГРАЦИИ
Перспективите на институциите за постигнување глобална вклученост на Западен Балкан, состојбите на пазарот на капитал во овие земји, но и за можностите за унапредување на прекуграничната соработка беа централна тема на Конференцијата „Иднината на Балканот - кон глобална вклученост“, што се одржа на 24.01.2018 година во Тирана.
Дел од дискусијата на Конференцијата беше посветена на прашањата за Регионалната економска зона, унапредувањето на регионалната соработка и улогата која Коморскиот инвестициски форум ја има во овие процеси.
- Бизнисот беше тој кој во изминатите години непрекинато ја одржуваше регионалната соработка, дури и кога политичките процеси затајуваа – бизнисот може да биде тој кој ќе го обезбеди потребниот економски инпут за забрзување на процесот на европски интеграции и достигнување на посакуваното ниво на економски развој, но за тоа мора да му се обезбедат потребните услови, - посочи д-р Татјана Штерјова, национален координатор на Коморскиот инвестициски форум во рамките на Стопанската комора на Македонија.

Истакнато беше дека податоците за обемот на трговската размена на Македонија со земјите од Западен Балкан покажуваат две клучни работи. Прво, дека таа соработка континуирано расте, но второ, дека уделот на регионалната размена во вкупните трговски текови на Македонија сепак останува непроменет - и покрај растот на извозот кон земјите од Западен Балкан, во изминатите неколку години не отпаѓа повеќе од 10-12% од вкупниот извоз што го остварува Македонија со останатите земји од светот.
- Состојбата би требало да биде различна ако се имаат предвид географската, културната и јазичната блискост на земјите од регионот. Но, сепак реалноста покажува дека компаниите се` уште се соочуваат со многу тешкотии од административен и технички карактер – секојдневно се справуваат со непризнавањето на сертификатите и другите документи кои се однесуваат на квалитетот и техничките стандарди на стоката што се тргува, со обврската да добиваат повеќе различни дозволи и лиценци, да се справуваат со неусогласеноста на регулативата во повеќе области. Доколку сакаме зголемен обем на размена сето мора да се смени, и тоа што е можно побрзо. Во Коморскиот инвестициски форум веќе подолго време работиме на активности за мапирање на овие тешкотии, како и за нивно надминување заеднички со надлежните органи, и очекуваме тоа во многу краток рок да почне да дава резултати, - истакна д-р Штерјова.
Во дискусијата беше посочено дека во повеќегодишниот акционен план за регионална економска област е предложена структурирана агенда за регионална економска интеграција, промовирање на понатамошна трговска интеграција, воведување динамичен регионален инвестициски простор, олеснување на регионалната мобилност и креирање агенда за дигитална интеграција. Очекувањата се дека со овие активности ќе се овозможи непречен проток на стоки, услуги, капитал и висококвалификувана работна сила, со што регионот ќе стане поатрактивен за инвестиции и трговија, ќе се услови процесот на забрзување на патот кон ЕУ и просперитет на сите граѓани, создавајќи еднакви услови за сите во регионот.
На Конференцијата се дискутираше и за перспективите за забрзување на процесот на европски интеграции на земјите од Западен Балкан, а беше посочено дека 2018 година мора да биде клучна во овој процес.Во рамките на дискусијата, се истакна дека институциите мора да имаат визија за долгорочен развој, подолга од еден политички мандат, а следниот период ќе биде клучен за сите држави од Западен Балкан за постигнување стабилност и предвидливост на системот, за што сите засегнати чинители мора да придонесат заеднички.
- Немилосрдниот и незапирлив процес на глобализација ја диктира потребата за поблиска соработка која ќе испрати до Европската унија и до најразвиените пазари во светот порака за надежен и неистражен потенцијален пазар со над 20 милиони клиенти, кои се координирани за да создаваат зголемена додадена вредност. Очигледно е дека глобалната економија веќе има мултиполарна динамика предводена од некоја економска суперсила и некои економии во развој. Во овој контекст, балканските економии немаат луксуз да се ангажираат во индивидуални и краткорочни натпревари, да се натпреваруваат еден со друг за доминација на пазарот или привлекување странски инвестиции. Всушност, најпаметната и долготрајна стратегија би била да се создадат синергии меѓу нашите земји за да се дизајнира единствен пакет стратешки инвестиции со кој целиот регион ќе се смета за единствен за мултинационалните корпорации или за големи проекти со влијание на регионот, изјави Илир Мета, претседател на Република Албанија.
