ПРИДОНЕСИ: Пополнување на дупката во ПИОМ или бришење на невработените?
Агенцијата за вработување ќе ги бриши од евиденцијата на активни баратели на работа, невработените лица кои земаат хонорар повисок од минималната плата. Од Агенцијата велат дека овие хонорарци ќе се сместат во регистарот на пасивни баратели на работа, и во таа група ќе бидат се додека им трае договорот за ангажман. Во оној момент кога ќе им заврши договорот, лицата треба повторно да дојдат во Агенцијата и да се пријават. Во периодот додека се префрлат од пасивни во активни баратели на работа, овие лица нема да имаат статус на невработени лица и со тоа нема да ги уживаат поволностите на активните баратели на работа, како што се владините мерки за вработување. Но директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, уверува дека целиот процес на префрлање од пасивни во активни баратели ќе оди брзо и нема да има застој, но сепак лицата сами треба да се пријават во Агенцијата.
-Ќе ги тргнеме од евиденцијата, но нема да се бришат, туку ќе ги ставиме во пасивната евиденција се до моментот на завршување на договорот за кој што се ангажирани, нормално по претходно добиени информации од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во оној момент кога ПИОМ ќе достави решение до нас дека тоа лице има хонорар над минималната платание ќе го тргнеме од евиденцијата само за тој период за кој што е ангажиран. Ако следниот месец нема договори ќе го вратиме активните баратели на работа, однсоно самото лице уште следниот ден откако ќе му истече договорот може да дојде во Агенцијата и да се пријави во АВРМ. Целата операција е направена да нема застој, се ќе биде електронски, од ПИОМ добиваме информација ако има хоноррар над минимална плата, ако нема нема да дојде информација од ПИОМ, но мора да дојде да се пријави во Агенцијата. Од каде јас да знам дека ќе продолжи да биде невработено. Пријавувањето во Агенцијата е желба на невработеното лице, изјави директорот на АВРМ Влатко Поповски.
Еден од аргументите на Владата зошто се носат овие законски е решенија е дека ќе се зголеми вработеноста. Но дали оваа цел е и реално остварлива? Во земјава има околу 100.000 лица кои се водат како хонорарци и 27.000 со авторски договори. Според аналитичарите, новите законски решенија, се еден од обидите на владата за спас на фондот за пензиско и фондот за здравствено осигурување, а резултатите кои ќе ги постигне државата во сферата на вработувањето ќе бидат привидни.
-Ако се појде од статистичките бројки тогаш можно е да има намалена невработеност но тоа нема да значи и реално намалување односно резултатите кои ќе ги постигне државата во сферата на вработувањето ќе бидат привидни бидејќи дел од хонорарците ќе бидат времено ангажирани и тие податоци ќе бидат често променливи со што на владата и’ се отвора простор за манипулација со бројките на невработени. Проблемот со дупките во буџетот и социјалните фондови ја доведува Владата во очај и ја приморува да бара решенија кои се надвор од општо познатите а тоа е реален економски развој со зголемена економска моќ на стопанството, реално зголемени плати а со тоа и зголемени приходи во фондовите. Овие мерки најмногу ќе ги погодат граѓаните бидејќи работодавачите освен во случаите кога се приморани, нема да чепнат од своите приходи и дополнителните трошоци за придонеси ќе бидат на товар на граѓаните. Секако дека би требало да има дополнителни приходи за фондовите но треба да се причека за да се види како ќе се однесуваат работодавачите на новите измени. На крајот на краиштата државата е еден од поголемите работодавачи кои ангажираат работници врз основа на договор на дело или хонорар а плаќањето на придонеси од буџетски пари е префрлање од шупливо во празно, вели аналитичарот Слободан Најдовски.
Во една од своите колумни претседателот на Комисијата за економија на СДСМ и доцент на Економскиот факултет, Драган Тевдовски, напиша дека обврската за плаќање на придонесите за хонорарите е за да се соберат повеќе пари за пополнување на дупката во Фондот за ПИОМ.
-Јавноста треба да знае дека обврската за плаќање на продонесите не е донесена да се им се помогне на хонорарците, туку да се соберат повеќе пари од граѓаните за полнење на огромната дупка во Фондот за ПИОМ. Годинава дупката надмина 22 милијарди денари и таа веќе изнесува колку платите, придонесите и надоместоците за целата државна и јавна администрација. Оваа дупка е пред се резултат на неуспехот на власта да ја зголеми вработеноста во економијата и со тоа да влијае на зголемување на изворните приходи на Фондот (придонеси наплати), во услови кога се изврши намалување на стапките на придонесите. Решението за дупката во фондот за ПИОМ треба да се бара во напуштањето на регресивниот модел на плаќање придонесите и премин кон пофер модел, каде од една страна би се отстранило ограничувањето за највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите од шест просечни плати, а од друга страна ќе се ослободат од плаќање придонеси лицата со најнизок доход, пишува во својата колумна Тевдовски.
Извештајот што го објави Државниот завод за ревизија кон крајот на минатата година покажува буџетскиот дефицит на фондот од 2008 година до сега бележи континуиран пораст. Од 6% во 2008 година, на 14% во 2009 година, а во 2012 –та година достигнал 22 %. Во извештајот, ревизорите посочија дека не ја исклучуваат можноста од понатамошно продлабочување на дупката во буџетската каса во Фондот, што и во иднина би се сервисирало од централниот буџет.
-Зголемувањето на бројот на корисниците на пензија како и усогласувањето на пензиите во 2012 година влијаеше на недостаток на средства за исплата на пензии поради што секоја година се зголемува зависноста на Фондот од позајмување на буџетски средства од основниот Буџет на РМ. За покривање на буџетскиот дефицит исплатени се средства од Буџетот на РМ во износ од околу 166 милиони евра, што претставува учество од 22 %, посочија ревизорите во извештајот.
Законските одредби стапуваат за неколку дена
На почетокот на неделавата невладините, граѓанските здруженија и дел од синдикатите, новинари, преведувачи, глумци, музичари и многу други хонорарни работници под мотото „НЕ ЗА ПРИДОНЕСИ“ за авторските и договорите на дело, излегоа на протести за како што изјавија, лажните социјални мерки кои ќе ги остават хонорарците со 37 отсто помали примања, без перспектива за вработување и без загарантираните права од Законот за работни односи. Претходно побараа средба со министерот за труд и социјална политика за да му образложат зошто бараат повлекување на законите, но обидот беше неуспешен. Укажаа дека протестот е само предупредување, а денеска ќе се придружат и на протестите на Студенскиот Пленум.
Но и покрај протестите, Владата е децидна, новите законски реченија се правична мерка, ќе се намали нелојалната конкуренција меѓу компаниите, и примената нема да се оддложи.
-Тоа е добра мерка бидејќи ќе овозможи поголема социјална заштита за луѓето кои примаат хонорари. Да влезат во системот за здравствена заштита, да ги уживаат сите права од здрвствената заштита, како и да можат да остварат пензиски стаж, односно кога ќе дојде време да стекнат право за пензија. Мерката е правична бидејќи ќе овозможи сите подеднакво на остварениот приход да придонесат за системот на здравствено осигурување, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески.
Од друга страна дел од аналитичарите сметаат дека предложените законски измени ќе имаат негативен ефект
-Предложените законски измени нема да имаат големо влијание на статусот на вработените бидејќи тие не го ,,приморуваат“ работодавачот да го промени статусот на вработеност на поединецот од хонорарец во стално вработен. Напротив сметам дека тие можи да имаат и негативно дејство и можно е голем дел од постојано вработените да преминат во сферата на хонорарци бидејќи законот за работни односи колку-толку ги штити вработените а ги ограничува работодавачите во нивното самоволие. Зошто некој работодавач би овозможил годишен одмор на вработените, зошто би плаќал к-15, боледување или други обврски за стално вработените кои произлегуваат од законот за работни односи кога сето тоа би го избегнал со потпишување на договор на дело или времени договори со исплата на хонорар. Таму каде што е можно работодавачите сигурно ќе го намалат бројот на вработени но во најголем број на случаеви тие ќе ги намалт примањата на хонорарците или ќе прават напори поголем дел од доплнителните трошоци за придонеси да ги префрлат на работниците, вели Најдовски.
Бизнисмените реагираа дека со новите законски одредби трошоците ќе им се зголемат за 35 проценти. Од Сојузот на Стопански комори побраа прагот за пресметување на придонесите да биде просечната а не минималната плата. Засега нема одговор од Владата дали ова барање ќе биде прифатено. Работниците стравуваат дека работоваците во обид да немаат дополнителни трошоци ќе ги намалат хонорарите или крајно ќе делат откази.
Она што предизвика најжестоки реакции во јавноста беше изземањето на одредни категории од законските обврски, особено за избраните и именувани функционери. Според првичното образложение на ПИОМ по објавувањето исчезна од веб страната на ПИОМ, од законските решенија беа изземени, спортистите, примањата на функционери, пратеници, советници и други носители на јавни функции (избрани и именувани лица), надоместоци по основ на стипендии, договори за јавна работа кој ги склучуваат единиците на локалната самоуправа, договор за закуп, волонтерство согласно со закон, судии, поротници, вешти лица, и стечајни управници, пензионерите. Револтот е дотолку поголем и поради нефер поделбата на хонорарците односно одлуката за плаќање придонеси за хонорарите на функционерите каде тие се обврзуваат да плаќаат само 10 отсто. Министерот и вицепремиер Ставрески деновиве изјави дека новиот закон ќе се однесува и за фукнционерите.
-Не е точно дека фунционерите кои остваруваат дополнителни средства како хонорарци нема да плаќаат придонеси. Овој закон ќе важи и за функционерите. За сите договори на дело, авторски договори и други типови договори, ќе се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Ќе ги опфати функционерите кои остваруваат дополнителни средства врз основа на овие договори, изјави Ставрески.
Петте закони за работни односи, за придонеси од социјално осигурување, за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, експересно се донесоа во јули годинава. Со законските измени се опфатени договорите за дело, авторските договор, други договор од извршување физичка и/или интелектуална работа со кои физичкото лице остварува приход кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата. Обврската за плаќање на придонесите важи и за физичките и за правните лица, а според законското решение обврската за пријавување на дополнителните приходи во ПИОМ ќе важи за сите, без разлика на висината на дополнителните примања. Пресметките за придонесите ќе ги прави ПИОМ.
Ј.С
Слично
