Придонеси ќе се плаќаат само за хонорар кој е повисок од минималната плата во земјава
Министерот за Труд и социјална политика, Диме Спасов, излезе со објаснување дека не е точно оти месечната плата ќе влезе во пресметката за плаќање придонеси и нагласи дека согласно правилникот на Законот за хонорарци, кој како што тврдат агенциите се уште не е излезен, придонеси за здравствено и пензиско осигурување ќе плаќаат оние чиј вкупен износ на хонорарот ја надминува висината на минималната плата од 9.500 денари.
Тој нагласи дека обврска да го пријават исплатениот хонорар во ПИОМ имаат работодавачите доколку еден договор е над вредноста на минималната плата во земјава.
„Во законот е јасно наведено кои приходи и над кој износ се опфатени како задолжително социјално осигурување. Тоа значи ако земате плата и во текот на месецот остварите дополнителни 3.000 денари врз основа на авторски договор или договор на дело, не подлежите на обврската“, рече Спасов.
Според него, законот е концизен и јасен иако од авторските агенции велат дека се` уште го чекаат правилникот кој ќе содржи конкретни насоки за тоа во кои случаи настапува обврската за плаќање придонеси на хонорарите.
Спасов нагласи дека ваквата обврска ќе важи и за физичките лица, но само доколку и тие остварат приходи по основ на авторски договор или договор на дело повисок од минималната плата, во сротивно не треба да се пријавува понискиот заработен хонорар.
Според бизнис заедницата, со новите законски измени, трошоците на работодавачите за ангажираните лица со авторски договори или како хонорарци ќе се зголемат за 35%.
Обврската за плаќање придонеси на хонорарите стапи на сила од први јануари откако во текот на летните месеци, без јавна дебата, Собранието ги донесе потребните законски измени.
Слично
