Економија, финансии, бизнис

Контакт

Превозниците под притисок од шенгенските правила, во тек се разговори за решение

Превозниците под притисок од шенгенските правила, во тек се разговори за решение

Проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген зоната останува отворен, а од Транспортната заедница велат дека во Брисел се водат редовни состаноци за да се најде решение. Директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, на седница на собраниската Комисија за европски прашања порача дека ова прашање е високо на агендата, иако можностите се ограничени бидејќи станува збор за шенгенска регулатива.

„Што се однесува до професионалните превозници многу сум свесен за овој проблем. Како Транспортна заедница сме олеснувачи меѓу сите различни страни кои се одговорни со цел да се најде решение кое ќе адресира некои од овие прашања. Во Брисел има редовни состаноци за тоа прашање каде ги гледаме сите аспекти – кои се проблемите и кои се краткотрајните и долгорочните решенија, со цел да се најде решение. Битно е да се сфати колку е важно ова прашање за превозниците и мислам дека за тоа сите гледаат во истата насока. И македонската асоцијација на професионалните превозници е многу активна по ова прашање, секогаш носи примери и можни решенија. Тука сме, бидете уверени дека сме активни по ова прашање колку што можеме да бидеме, а секако имаме и ограничени можности затоа што тоа е Шенген регулација. Секако бидете уверени дека работиме во оваа насока“, рече Закоњшек.

Во расправата беше нагласено дека ова прашање нема последици само за превозниците, туку и за пошироките економски текови, особено за компаниите што работат со европски партнери. Претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски, оцени дека доцнењата на границите го зголемуваат трошокот и за транспортот и за крајниот производ.

„Во однос на превозниците тоа што нам ни помага дополнително е што има и стопански комори и стопанственици кои се надвор од Македонија а имаат тука свои соработници. Во Македонија има странски инвестиции кои работат и извезуваат производи за германската, австриската автомобилска индустрија, за Словачка и за други држави. Нарушувањето на тој синџир на соработка или доцнењето со време, ден, два, три или повеќе, ја зголемува и цената на транспортот и цената на крајниот производ. Во интерес на сите во Европа е ова прашање да се реши на најдобар можен начин. Во текот на мај очекувам да имаме посета од висока делегација од Хрватска и меѓу другото да биде разговарано и за оваа тема во рамките на веќе постоечкиот систем којшто сигурно не може да се смени, да се најдат земји каде има добра волја на оперативен план да може овие транспортни предизвици или застои да бидат надминати“, рече Милошоски.

Покрај товарниот транспорт, на седницата беше отворено и прашањето за долгиот застој на границите кон Европската унија по примената на новиот систем за влез и излез. Пратеничката Ели Панова посочи дека последиците ги чувствуваат и патниците, особено во периоди кога чекањата траат со часови.

„Колку и да се експресни и безбедни автопатиштата небезбедно е кога деца и возрасни седат во автомобил со часови. Ова е едно прашање за кое во ЕУ и Транспортната заедница треба да се размисли ако се оди кон олеснување и преземање мерки и чекори. Ако како земја кандидат се трудиме да бидеме подготвени за секоја реформа која ја воведуваме зошто ЕУ пристапува неспремна кон одредени реформи кои влијаат негативно врз секојдневието на луѓето, како што е примерот на превозниците, за што не смислен план, а истото се случува и со патниците. Ова е пример дека треба да се направат табели и за проектите на ЕУ за кои гледаме дека еве и ЕУ не била подготвена пред да ги преземе“, рече Панова.

Закоњшек наведе дека за намалување на времето на чекање се потребни координација меѓу институциите од двете страни на границата, подобрување на инфраструктурата и нови ИКТ решенија. Според него, во таа насока веќе се обезбедени 54 милиони евра европски средства за интервенции на најфреквентните гранични премини меѓу Северна Македонија, Бугарија и Грција.

Слично

Поврзани вести