Економија, финансии, бизнис

Контакт

Превозниците поблиску до решение: ЕК најавува третман како за пилоти и машиновозачи

Превозниците поблиску до решение: ЕК најавува третман како за пилоти и машиновозачи

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков, денеска одржаа конференциски состанок со претставници на Европската комисија, меѓу кои и директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти.

На состанокот учествуваа и ресорните министри за транспорт, внатрешни работи и европски интеграции од земјите на Западен Балкан – Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.

Фокусот на разговорите беше надминување на проблемите со кои се соочуваат превозниците во земјите од Шенген зоната, како и изнаоѓање долгорочни и одржливи решенија за транспортниот сектор.

Министерот Николоски ја поздрави иницијативата на Европската комисија и, преку аргументирани факти, го истакна ставот на Владата за потребата од соодветен третман на професионалните возачи, поради природата на нивните работни обврски и континуираната мобилност во рамки на Шенген зоната.

Тој нагласи дека, во очекување на трајно решение, Европската комисија треба реално да го идентификува проблемот со кој се соочува транспортниот сектор и во најкус можен рок да имплементира мерки кои ќе обезбедат предвидливост и непречена работа за компаниите во меѓународниот патен сообраќај.

Претставниците на Европската комисија потврдија дека во новата визна стратегија на ЕУ, превозниците се препознаени како професионалци и дека се разгледува можноста оваа категорија работници да биде третирана слично како пилотите и машиновозачите.

На состанокот беше потврдено и дека воведувањето на биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез во Шенген зоната се одложува – наместо од почетокот на април, системот ќе започне со примена во септември годинава.

Дополнително, договорено е формирање експертска работна група, која веќе следната недела ќе одржи состанок со цел да ги конкретизира заклучоците од денешната средба на високо ниво.

Од Европската комисија беше истакната важноста на транспортниот сектор за целокупната економија, при што беше најавена целосна посветеност во изнаоѓање трајно и прифатливо решение во интерес на сите засегнати страни.

Владата, како што беше посочено, веќе изрази целосна поддршка за превозниците и ќе ги преземе сите расположливи мерки за да се овозможи нивна непречена работа во меѓународниот патен сообраќај.


Слично

Поврзани вести