Претседател во мај, Влада до јуни
Новоизбраниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов треба да го почне својот втор мандат најдоцна до 12 мај, предвидува членот 81 од Уставот на Република Македонија. Тој треба да даде свечена заклетва пред Собранието, со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.
Согласно Уставот, новото Собрание треба да се формира најдоцна до 17 мај, односно 20 дена по одржувањето на изборите. Но, поради потребата пред новиот состав на Собранието да положи заклетва и претседателот, најверојатно конститутивната седница на македонското Собрание ќе се одржи порано од овој датум.
Македонија по првпат е во ваква ситуација - да има распуштено Собрание, пред седница за инаугурација на шефот на државата.
Мандатот на новоизбраните пратеници почнува да важи од конститутивната седница, на која се верификува нивниот мандат.
Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за формирање Влада, односно најдоцна до 27 мај 2014.
Мандатарот од партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Согласно роковите, новата македонска Влада треба да биде избрана најдоцна до 16 јуни.
Слично
