ПРЕСУДА: Две години затвор за пожарот во „Македонска пошта“!
Арменд Фазлиу, шеф на кабинет на директорот на „Македонска пошта“ Рафиз Алити доби затворска казна во траење од две години, откако судот одлучи дека тој е виновен за пожарот кој избувна во главната управна зграда на Поштата лани.
Во пожарот немаше жртви или повредени, но беше предизвикана значителна материјална штета од 100 илјади евра, а беше уништен и муралот на Борко Лазевски од непроценлива вредност.
Обвинението го товареше Фазлиу за тешки дела против општата безбедност, но тој го негираше делото. Одбраната тврдеше дека причина за пожарот е неисправна електрична инсталација, но вештачењето не го потврди тоа. Во негова одбрана застана и директорот Рафиз Алити, кој најави дека од Фазлиу нема да бара одговорност, а штетата ќе ја покрие осигурителната компанија.
Сепак, последниот ревизорски извештај за работата на „Македонска пошта“ открива дека ваквата исплата е многу неизвесна, со оглед на тоа што договорот со осигурителната компанија бил склучен со задоцнување, по настанувањето на пожарот, а не постојат гаранции дека осигурителната компанија е подготвена да врши исплати за штета ретроактивно.
До изрекувањето на пресудата, Фазлиу кој е внук на Алити, се бранеше од слобода.
Слично
