Економија, финансии, бизнис

Контакт

Престижна европска награда втора година по ред!

Престижна европска награда втора година по ред!
„Оваа година НЛБ Пензиски фонд ја дели наградата за најдобар суверен резервен фонд (Best Sovereign Reserve Fund ), дел од сребрената категорија награди, со францускиот резервен фонд за пензии French Pension Reserve Fund (Fonds de Reserve pour les Retraites) кој управува со средства во износ од над 37 милијарди евра. За споредба, според висината на средствата овој фонд е на триесеттото место во Европа, додека НЛБ Пензиски фонд не е ниту дел од илјада најголеми пензиски фондови. Оттука и насловот на образложението за оваа категорија на награди од страна на магазинот ИПЕ е “Давид и Голијат“. Како главни причини за наградата, жири комисијата, составена од експерти од областа на пензиското осигурување и управување со средства, ги посочува значењето на иновативната и комплексна инвестициона стратегија наспроти релативно малиот обем на средства со кои управува Друштвото“ – вели во интервју за Фактор Заменик претседателот на управниот одбор на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје Петер Велкаврх. Македонија  речиси една година се наоѓа во сериозна политичка криза, состојба што негативно  се рефлектира и врз бизнисот. Како НЛБ Нов пензиски фонд  „плива“ во разбрануваното „море“? - Политичката криза која е актуелна во Република Македонија безмалку една година нема директно влијание врз пензискиот систем, акумулирањето на средства и управувањето со капитално финансираните пензиски фондови. Она врз што има најголемо влијание се состојбите, прометот, ликвидноста и отсуството на институционални инвеститори на Македонската берза на хартии од вредност, што резултира со ниско вреднување на акциите и обврзниците кои котираат на неа, а со тоа и врз инвестициите на фондовите во овие хартии од вредност. Доколку се погледне графикот на движење на индексот на најликвидни акции на Македонската берза, може точно да се детектира почетокот на политичката криза, на крајот од јануари, но и договорот со кој таа треба да се разреши. Пензиските фондови овој момент го искористија за зголемување на своите позиции во македонски акции по пониски цени земајќи го предвид долгорочниот карактер на фондовите и очекувањата за раст на истите при поволен економски и политички амбиент во државата во годините кои следат. Крајот на годината е на прагот. Извештаите до вашите корисници ќе мора да ги доставите со најважната информација - за колку проценти е оплоден нивниот „пензионерски капитал“. Дали сте задоволни од постигнатиот резултат? - НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје најмалку еднаш годишно во писмена или во електронска форма доставува годишни извештаи за пензиска заштеда до членовите на задолжителниот и доброволниот пензиски фонд со кои управува. Овие  извештаи содржат информации за состојбата на пензиската заштеда на секој член индивидуално, како и информации за фондовите во целина: остварени приноси, наплатени провизии и слично. Приносот на задолжителниот пензиски фонд, НЛБ Пензиски фонд во номинален износ за периодот од 30.9.2008 до 30.9.2015 година, сведен на годишно ниво изнесува 6,63 отсто, а за истиот период реалниот принос сведен на годишно ниво изнесува 5,07 отсто. Кај доброволниот пензиски фонд НЛБ Пензија плус, од основањето  до 30.9.2015 година, номиналниот принос сведен на годишно ниво изнесува 5,93 отсто, додека остварениот реален принос сведен на годишно ниво изнесува 4,03 отсто. Сепак, постигнатите резултати не ги анализираме исклучиво преку остварениот принос, туку во сооднос со мерила за преземен ризик, како и во споредба со дефиниран репер, со цел добивање на покомплетна слика за успешноста во управувањето со средствата, детектирање на можности за подобрување на процесите и секако, подобрување на истите. Земајќи предвид низа на показатели кои ги следиме за таа цел, можеме да кажеме дека како долгорочен инвеститор посветен на заштита на интересите на членството, задоволни сме од досегашните резултати, но и посветени сме на вложување на максимални напори за постигнување на солидни резултати и во иднина. Peter Velkavrh1 Функционирате во високо регулирана дејност. Конзервативното законодавство во фондовската индустрија не дозволува голема слобода во инвестирањето на средствата. Кои се инструментите во кои инвестира НЛБ Нов пензиски фонд? - Конзервативно законодавство е основна карактеристика на сите сериозни пензиски системи поради нивниот социјален карактер. Портфолијата на пензиските фондови со кои управуваме, доминантно содржат инструменти со фиксен принос, државни хартии од вредност и депозити, како и висококвалитетни инструменти, издадени во земјите членки на ЕУ и ОЕЦД. Дополнително пензиските фондови инвестираат во домашни акции кои котираат на Македонската берза. Во однос на законодавството, проблем се јавува кога регулативата во интерес на транспарентноста и сигурноста на средствата на пензиските фондови содржи одредби кои го лимитираат потенцијалот на пензиските фондови за остварување подобар принос и управување со ризиците и продуцираат краткогледост (short-termism) кај управувачите со средствата. Овие проблеми не се карактеристични само за нашето регулаторно опкружување, туку се нотирани недоследности во многу поразвиени системи од нашиот. Една таква одредба е дневното вреднување на пензиските фондови што има потенцијал да создава трка за принос на краток рок помеѓу фондовите, нешто што се коси со долгорочниот карактер на инвестициите кои треба да ги содржи еден пензиски фонд. Дополнително, регулативата забранува користење на деривативни инструменти кои се клучни во управувањето со пазарните ризици на пензиските фондови во услови на надолни пазарни корекции. Соодветна модификација на одредени ограничувања во рамки на постојниот инвестициски универзум, на начин кој би значел задржување на нивото на квалитет на управување со ризиците, би била во интерес на членството. Имено, со соодветна модификација на одредени ограничувања би се добил проширен обем на дозволени инструменти за инвестирање, што би одело во прилог на подобрување на диверзификацијата, а во одредени случаи и во прилог на избор на поквалитетни инструменти.  Конечно, недостатокот на можности за  алтернативни инвестиции, како приватен капитал (venture capital, private equity) како и инвестирање во недвижности ги лимитираат фондовите да ја искористат премијата за ликвидност која ја носат овие инвестиции. Отворањето на нови опции за инвестирање е од особена важност во ера на ниски каматни стапки и крајно ограничени можности за остварување принос од инвестиции во должнички инструменти. Живееме во време кога наталитетот се намалува, а старите лица живеат се подолго.  Дали ваквата состојба ја загрозува позицијата на функционирањето на пензиските друштва од вториот столб? - Демографските промени, опаѓањето на наталитетот и продолжувањето на животниот век се клучни проблеми со кои се соочуваат пензиските системи и во развиениот свет, но и во некои од земјите во развој. Кај нас дополнително влијание, веројатно, ќе има и засилениот одлив на млада работна сила кон поразвиените земји. Ваквите демографски промени ги прават солидарните системи на пензиско осигурување неодржливи на долг рок. Токму поради тоа е направена реформата со која дел од средствата кои се одвојуваат за пензија се акумулира во еден од двата капитално финансирани пензиски фонда од вториот столб и истите се управуваат со цел остварување на принос. Во иднина пензијата треба да се обезбедува од два извори, од т.н. солидарен фонд, прв столб, и од капитално финансираните пензиски фондови, втор столб. За одржливоста на целиот систем, што подразбира пристојни примања во времето по пензионирањето, многу значајна  улога има третиот пензиски столб кој е на доброволна основа и е стимулиран од државата со даночно ослободување односно одложено оданочување на уплатите. Токму третиот столб, како и други форми на дополнително штедење за пензија имаат за цел да го амортизираат ризикот од продолжување на животниот век на пензионираните членови. Во моментов две компании ја вршат функцијата на пензиски друштва за управување со пензиски фондови во рамките на  вториот столб. Дали во бизнисот со пензиските друштва постои простор за влез на нова компанија? - Постои законска можност за доделување лиценца на трето или повеќе друштва за управување со капитално финансирани пензиски фондови. Хипотетички, постои и простор за натамошно делење на бизнисот, ако тргнеме од едноставна бизнис логика. Конкуренцијата е здрава работа. Но, сепак, во оваа област е прашање до кое ниво треба да се препуштат работите на слободната конкуренција. Секој учесник на пазарот треба да е длабоко свесен за потребата да се обезбедат високи стандарди на работа, особено во областа на инвестирањето и управувањето со ризици, што подразбира ангажирање на високо стручен кадар и софистицирани информатички системи. НЛБ Нов пензиски фонд минатата година ја доби наградата „Најдобар пензиски фонд во Централна и Источна Европа за 2014 година“ од магазинот за пензии и инвестиции во Европа ИПЕ. Оваа година овој угледен магазин ви додели награда во категорија „Best sovereign reserve fund” во Европа за 2015. Што треба еден пензиски фонд да направи за да добие една вака престижна награда? - Минатата година за првпат нѐ контактираше уредништвото на ИПЕ со можност да конкурираме за една од наградите кои секоја година ги доделува овој магазин на пензиските фондови во Европа. Процесот на аплицирање содржи давање квантитативни и квалитативни информации во врска со приносот, ризиците и начинот на управување со фондовите. Наградите се поделени на регионални награди во кои спаѓа наградата за најдобар пензиски фонд во Централна и Источна Европа, која НЛБ Нов пензиски фонд ја доби во 2014 година, но и уште три категории награди поделени во златна, сребрена и бронзена категорија. Оваа година НЛБ Пензиски фонд ја дели наградата за најдобар суверен резервен фонд (Best Sovereign Reserve Fund ), дел од сребрената категорија награди, со францускиот резервен фонд за пензии French Pension Reserve Fund (Fonds de Reserve pour les Retraites) кој управува со средства во износ од над 37 милијарди евра. За споредба, според висината на средствата овој фонд е на триесеттото место во Европа, додека според висината на средствата, НЛБ Пензиски фонд не е ниту дел од илјада најголеми пензиски фондови. Оттука и насловот на образложението за оваа категорија на награди од страна на магазинот ИПЕ е “Давид и Голијат“. Како главни причини за наградата, жири комисијата, составена од експерти од областа на пензиското осигурување и управување со средства, ги посочува значењето на иновативната и комплексна инвестициона стратегија наспроти релативно малиот обем на средства со кои управува Друштвото, како и на процесите кои се поврзани со спроведување на стратегијата, вклучувајќи и периодично преиспитување на претпоставките на кои истата е заснована. Со истакнување на иновативноста во креирањето и спроведувањето на инвестиционата стратегија, се дава признание за целокупниот систем на управување на средствата и ризиците на кои се изложени средствата на фондот. Дополнително, истакнат е и значителниотнапредок во развојот на системот на управување со ризици и нотирана е определбата на Друштвото за развој на човечките ресурси кои ги смета за свое најважно средство во управувањето со фондовите. Peter Velkavrh Каде е поголем предизвикот, да се освои награда од ваков ранг или да се зголеми приносот на средства  на клиентите? - Најголем предизвик за нас е поставување на добар систем на управување кој е фокусиран на поставување солидна инвестициона стратегија и обезбедување солиден принос за своите членови, притоа земајќи ги предвид толеранцијата кон ризик, ликвидносните потреби, даночните аспекти и останатите аспекти од управувањето со пензиските фондови, како и континуирано следење и преиспитување на истата. Исто така голем предизвик за нас претставува подобрувањето на корпоративното управување на домашните компании во кои се инвестирани средствата на фондовите. На македонскиот пазар на капитал недостасуваат информирани институционални инвеститори кои би биле коректор на менаџментот на котираните компании. Колкав процент од бизнис планот за 2015 година менаџментот на НЛБ Нов пензиски фонд успеа да го реализира? Во кои сегменти од постигнатите резултати имате најмногу натфрлање, а каде е изразено потфрлањето? - Во однос на бизнис планот на Друштвото за 2015 година, резултатите во повеќето аспекти ги надминаа очекувањата што значи имаме поголем број членови од планираното, како и поголеми остварени приходи по основ на влезна и управувачка провизија од планираните. Што се однесува до управувањето со фондовите, првенствено се оценува долгорочниот принос на фондовите и дали тој го надминува приносот кој го дефинираме како цел во инвестиционите стратегии на фондовите. На краток рок, во процесот на мерење на перформансите на фондовите се споредува приносот од различните класи на инструменти во портфолиото со соодветен пазарен репер, каде јасно се гледа дали одредени активни одлуки за инвестирање биле добри или не. Во 2015 година, мерено заклучно со крaјот на третиот квартал имаме натфрлање на приносот на задолжителниот фонд во однос на приносот на поставениот репер во инвестиционата стратегија,  или популарно кажано фондот остварил позитивна алфа. Како што поминува времето, пензиските фондови од вториот столб многу е веројатно да станат едни од најмоќните  финансиски институции во земјата. Која е вашата визија за НЛБ Нов пензиски фонд во следните 5 години? Според извештајот за финансиска стабилност на Р.Македонија од НБРМ за 2014 година, средствата на пензиските фондови претставуваат само 7,3 отсто од вкупната актива на целиот финансиски сектор во земјата. Точно е дека со динамиката на раст на пензиските фондови овој удел ќе се зголемува, но сепак квалификацијата „најмоќни“ финансиски институции може да индицира погрешно разбирање на нашата улога и нашата позиција во финансискиот сектор. Нашата визија, како на краток така и на долг рок, е заштита на интересите на нашите членови во сите аспекти на управувањето со фондовите. Во Македонија тоа ќе го правиме преку континуиран дијалог со регулаторот и надлежното министерство во однос на прашања поврзани со подобрување на регулаторното опкружување. Дополнително, ќе ја продолжиме нашата борба за подобро корпоративно управување и поголема транспарентност на компаниите кои котираат на домашниот пазар на капитал преку учество на акционерските собранија и директен контакт со менаџментот на овие компании, давајќи конструктивни критики и насоки со цел подобрување на нивното работење и обезбедување принос за нашите членови. Сметаме дека ваквиот пристап има повеќеслојни придобивки за сите чинители, но примарен интерес се придобивките кои ќе ги имаат нашите членови. Можно ли е да се очекува НЛБ Нов пензиски фонд во блиска иднина да биде аквизиран од некој поголем фонд, со оглед на фактот дека процесот на глобализација не го заобиколува ниту финансискиот сектор? Во моментот немаме никакви индикации кои би ни укажале на некаков интерес од некоја страна. Како што напоменувате во прашањето, финансискиот сектор не е имун на окрупнување преку спојување и аквизиции, но да бидам искрен по кризната 2008 и 2011 година, финансискиот сектор забележа големо намалување на своите билансни позиции со што и бројот на аквизиции и спојувања во овој сектор е драстично намален споредено со предкризните години од овој век.
Слично

Поврзани вести