ПРЕСЕДАН: Хрват успеа да ја победи банката!
Исклучително редок пример за наши услови - хрватскиот граѓанин Томислав Борковиќ ја добил правната битка против својата банка, затоа што новиот автомобил земен на лизинг го преплатил.
Автомобилот бил купен на лизинг во швајцарски франци. Судот одлучил дека тужената банка противзаконито ја менувала валутната клаузула во договорот и му ја зголемувала каматата. Ако пресудата стане правосилна, банката ќе мора на својот клиент да му го врати натплатениот дел од кредитот.
Кредитите земени во швајцарски франци им зададоа многу главоболки на граѓаните, откако вредноста на франкот започна да расте во однос на локалните валути, што предизвика драстичен раст на ратата за кредитите што требаше да ја платат.
Еве како профитираа банките, а загубија граѓаните од вредноста на швајцарскиот франк: СЛУЧАЈОТ „ШВАЈЦАРСКИ ФРАНК“
Сличен судски процес веќе се води и во Србија - 8.000 корисници на кредити во швајцарски франци заеднички ја тужат банката за недозволено договарање на валутната клаузула во швајцарски франци и самоволна промена на каматните стапки. Првото рочиште е закажано за 16 јуни, а останува да се види дали ќе им помогне хрватскиот преседан за да извојуваат правна битка.
Сепак, во прилог не им оди неодамнешната одлука на Уставниот суд во Србија, според која во оваа земја веќе не е можно да се поднесуваат колективни тужби.
