Економија, финансии, бизнис

Контакт

Препораки за создавање Регионална економска област (РЕО)

Препораки за создавање Регионална економска област (РЕО)

Создавањето на целосно функционална РЕО е најважната цел на Берлинскиот процес која треба да се реализира преку активностите што ги спроведува Коморскиот инвестициски форум.

Преку формирање на Регионална економска област во земјите од Западен Балкан, интенцијата е да се создаде поконкурентен регион на глобалната инвестициска мапа, која ќе придонесе и повисок економски раст во земјите од ЗБ, а индиректно ќе биде фактор во обезбедувањето стабилност и развој на целиот регион.

Оваа цел е поткрепена и со минатогодишната студија на ММФ и Светската банка која покажува дека доколку мерките за регионална интеграција биле спроведени, растот во регионот во периодот 2018-2022 би бил повисок од 4% годишно, што ќе резултира со 15-17 милијарди повеќе во номиналниот БДП, регионално, со тенденција за понатамошен раст дури и по 2022 година.


Коморите од земјите на Западен Балкан се свесни дека е потребно време за да се почувствуваат резултатите од инфраструктурниот развој, промената на регулаторната рамка, зацврстувањето на владеењето на правото, градењето доверба и градењето на работните односи меѓу владините институции. Сепак, за процесот на регионална економска интеграција да може целосно да се спроведува, владите во регионот треба активно да работат на планирањето и спроведувањето на агендата за регионална соработка, при што ќе ги земат предвид моменталните фази на усогласување со регулативата на ЕУ и нејзината имплементација , сè уште кревките политички односи во регионот и различните нивоа на економски развој.

Процесот на ратификација на Протоколот 5 на ЦЕФТА - Договорот, кој треба да донесе поедноставување на царинските контроли и намалување на формалностите се одвива бавно , иако Македонија беше меѓу првите држави кои го ратификуваа, процесот се движи полека, поради причини кои не секогаш се примарно поврзани со економијата. Бројките покажуваат дека сé уште имаме многу предизвици пред нас. Во секојдневното функционирање бизнис секторот се уште се соочува со големи проблеми во непречено функционирање на протокот на стоки и услуги од една во друга земја во регионот на ЦЕФТА. Камионите чекајќи на граничните премини во просек губат 26 милиони часови годишно. Тоа нé чини загуби од 1% од БДП и намалување на вредноста на извозот од 1%, односно 7% кога станува збор за земјоделски производи.


Агендата за регионална соработка треба да биде резултат од заемно признаени интереси на сите регионални засегнати страни при што ќе се адресираат развојните приоритети на секое стопанство и ќе се стават во контекст на регионален развој со цел да се создаде економска област што ќе биде конкурентна на глобално ниво. З аедничкиот пристап на регионално ниво е потребен за да се поддржи и покаже важноста за реализација на пристапување на земјите од регионот во европскиот интегративен процес, како што е наведено и во заедничкиот став на EUROCHEMBERS И КИФ ЗБ6.

Коморскиот инвестициски форум , преку својот Секретаријат и мрежата од членки-комори што претставуваат повеќе од 350,000 компании во регионот, смета дека сите засегнати страни-владите од ЗБ6, Европската комисија, земјите-членки од ЕУ во Берлинскиот процес, Советот за регионална соработка и сите други заинтересирани страни, во насока на зајакнување на економската соработка во регионот на Западен Балкан, потребно да ги земат предвид следниве препораки:

За да се обезбеди подобра координација и имплементација на политиките што треба да водат до создавање на единствена економска област, потребно е да се воспостават на министерства за регионална соработка во сите влади од ЗБ6 . Оваа мерка ќе обезбеди поголема политичка моќ и имплементација на договорените политики, а дополнително на тоа, ќе придонесе и за градење доверба меѓу политичките чинители во регионот.


Да се работи заедно на тоа регионот да стане поконкурентен во привлекувањето СДИ и поттикнувањето интрарегионални инвестиции со намалување на бариерите и поедноставување на постапките и регулативите.

  • Да се предвидат пречките за имплементација кога се креираат политиките и стратегиите со цел да се намали времето меѓу дефинирањето на политиките и нивното целосно спроведување.
  • Да се овозможи побрза трговија со добра со намалени цени во регионот и да се елиминираат долгите редици од камиони на граничните премини со тоа ќе се отстранат нетарифните бариери, при што ќе се овозможи заемно признавање на сертификатите и забрзување на процесот за усвојување на стандардите на ЕУ и воведувањето електронски документи.
  • Да се овозможи подобар и полесен пристап до финансии за МСЕ во регионот како средство за обезбедување побрз раст и отворање на работни места . Треба повеќе да се инвестира во намалување на бариерите за пристап до заеми од банките и унапредување на алтернативните форми на финансирање (сопствен капитал, полу-сопствен капитал, краудфандинг, лизинг, итн.)

Да се работи на дигиталната агенда, да се обезбеди еднакво образованиe до кое сите ќе имаат пристап, вклучувајќи и стручно образование, и да се обезбеди мобилност на луѓето за да овозможи високо образуваните кадри да останат и да работат во регионот.

Бизнис секторот преку активностите на Стопанските комори од шесте земји од регионот на Западен Балкан, целосно се посветени да работат на постојан, структуриран и интерактивен јавно-приватен дијалог, со цел исполнување на препораките за постигнување заеднички напредок во регионот. За таа цел во наредниот период ќе бидат имплементирани и низа проекти коишто ќе придонесат за успешно креирање на единствена Регионална Економска Област (РЕО).

Соња Николова 

Стручен соработник во Стопанска комора

Слично

Поврзани вести