Економија, финансии, бизнис

Контакт

Преполовен бројот на студенти на Факултетот за туризам во Охрид

Преполовен бројот на студенти на Факултетот за туризам во Охрид


Факултетот за туризам во Охрид останува без студенти. За десет години бројката е преполовена. Туристичкиот сектор сега се соочува со сериозен недостиг на квалитетен и стручен кадар. За разлика од порано кога беше преполно со студенти од цела Македонија, сега нивниот број е сведен на минимум.

„Во споредба со минатата година намалувањето е меѓу 7 и 8%, но во однос на тоа што го имавме пред 10 години, тоа е намалување за 40%. Има многу причини. До 2007 година некои универзитети во земјава не постоеја, како што се Штипскиот универзитет, Универзитетот „Мајка Тереза“, одреден број приватни универзитети. Сега на пет универзитети имаме студиски програми по туризам, имаме студиски програми по царина, бродарство и осигурување“, рече Цветко Андреески – професор на Факултетот за туризам за „Алсат ТВ“.

Поради недостиг од стручен кадар, се поддржува идејата за увоз на работна сила. Летово средношколците ја пополнија празнината.

„За жал, во Македонија ќе се најдеме во ситуација да мора да увезуваме работна сила во туризмот и мора да почнеме да работиме за надминување на овој проблем. Се повеќе млади луѓе, особено оние кои студираат туризам и работат хотелски менаџмент се во Хрватска, која сега е една од најатрактивните дестинации за летна работа, бидејќи платите и условите што им се нудат на луѓето кои заминуваат од Македонија, Косово, Србија и Босна се многу повисоки, за стандардите што можеме да ги понудиме овде“, изјави Игор Пешевски – претседател на студентскиот парламент при Факултетот за туризам – Охрид.

Намалувањето на бројот на студенти е тренд присутен на сите универзитети и е последица на намалувањето на бројот на дипломирани студенти на државно ниво.


Слично

Поврзани вести