Економија, финансии, бизнис

Контакт

Премиерот со повик до саудиските инвеститори да дојдат во Македонија

Премиерот со повик до саудиските инвеститори да дојдат во Македонија

Премиерот Никола Груевски денеска заедно со владината делегација во чиј состав е и заменик претседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески, министерот за надворешни работи Никола Поповски, министерот задолжен за привлекување на странски инвестиции Висар Фида и заменик министерот за економија Христијан Делев, присуствуваа на бизнис форумот кој се одржа во градот Џеда, Саудиска Арабија на кој беа презентирани можностите за инвестирање во Република Македонија.

Бизнис форумот се одржа во соработка со индустриската комора на Џеда каде членуваат сите поголеми, средни и мали компании. Градот Џеда е најголемиот пристанишен град и втор најголем град во Саудиска Арабија.

Премиерот Никола Груевски на форумот презентирајќи ги можностите за инвестирање, посочи дека се посветува големо внимание на градење на добра бизнис клима и спроведување на реформи кои значително ќе ги подобрат условите за инвестирање и водење на бизнис.

Тој се осврнал на слободните економски зони и потенцијалите кои ги нудат за инвестирање. „Нашите слободни економски зони беа прогласени во најдобрите 50 слободни зони на иднината за 2012/2013 година од страна на „fDi Magazine“ на „Financial Times“, а оваа година е прогласена слободната економска зона Скопје за најдобра зона за големи корисници во Европа. Планираме 14 слободни економски зони, 4 се изградени и целосно функционални, а останатите ќе бидат готови во наредната година до година и пол”, изјавил премиерот Груевски.

Премиерот исто така изјавил дека ваквите резултати и добрата практика од спроведените реформи беше препознаена од голем број на компании како привлечно место за инвестирање и ги покани заинтересираните инвеститори да ја посетат Република Македонија, да разменат мислења и искуства со приватните компании и инвеститорите кои веќе се присутни на македонскиот пазар и лично да се уверат во добрата бизнис клима.

Заменик претседателот на Владата Зоран Ставрески посочил пак  дека Република Македонија го нуди најповолниот даночен пакет за компаниите. „Воведени се најниски даноци, рамен и низок данок, персонален данок и данок на добивка кој изнесува 10%, а компаниите кои го реинвестираат профитот имаат 0%. Истовремено Македонија е држава и со најниски трошоци за правење на бизнис“, изјави Ставрески.

Со бизнис форумот во Џеда, Саудиска Арабија, премиерот Груевски и владината делегација ја завршија својата економско-политичка посета на Кралството Саудиска Арабија. Премиерот Груевски од Џеда, Саудиска Арабија, со владина делегација се упати кон Белград, Република Србија, каде попладне ќе земе учество на дводневниот Самит на Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа, што се одржува во Белград.

Слично

Поврзани вести