Економија, финансии, бизнис

Контакт

Премиерот најави нови инвестиции од Гвангдонг

Премиерот најави нови инвестиции од Гвангдонг

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, вчера во Гвангжу, Народна Република Кина, оствари средба со делегација на властите на кинеската провинција Гвангдонг, предводена од вицегувернерот на провинцијата, Шу Шаохуа.

Тој таму ги претстави поволностите кои земјата ги овозможува за странските инвеститори за водење бизнис во нашата земја, нискиот даночен пакет, способната и едуцирана работна сила, и поволностите кои се нудат во технолошко-индустриските развојни зони. Тој иницираше и теми за соработка во областа на извозот на македонски земјоделски продукти во Гвангдонг.

Како што соопшти владината прес-служба, особено беше акцентирана можноста за реализација на инвестиции од Народна Република Кина во Македонија, за соработка во областа на туризмот преку аранжмани на кинески туристи во Република Македонија и можноста за извоз на македонски земјоделски производи во провинцијата Гвангдонг.

„Се работи за економски многу силна провинција, во која што има многу развиен бизнис, многу компании, многу пари, многу инвеститори и многу можности за инвестирање во Македонија. Беше важно да се сретнеме со властите бидејќи значајна е нивната поддршка и порака, и ми беше задоволство што практично сите теми кои ги отворив со властите наидоа на добар прием и на уверување дека ќе ја дадат нивната целосна поддршка и сигнал до компаниите да инвестираат во Република Македонија“, рече премиерот Груевски по средбата.Со властите, додаде, се договориле стручни тимови од двете страни да продолжат да работат на деталите на соработката. „Кога се даде политичката поддршка, сега е потребно претставници од двете страни да ги разработат деталите, да ги прецизираат и да почне нивно спроведување“, изјави премиерот Груевски.

Двете земји разговараа за можностите за соработка и на полето на образованието преку стипендирање и размена на студенти од двете земји за студии на универзитети од двете земји.

Слично

Поврзани вести