Премиерот на литургија во Тетово, посака повеќе работни места во државата и благосостојба!
Со желби за здравје, повеќе успеси, повеќе работни места во државата, поголема благосостојба, поголема хармонија и меѓусебно разбирање премиерот Никола Груевски го честита денешниот празник присуствувајќи на божиќната литургија во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово.
На одбележувањето на Божик во „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово присуствуваа повеќе верници од градот и околината. Покрај Груевски, таму беа и министерот за надворешни работи Никола Попоски со своето семејство и пратеничката од шестата изборна единица Светлана Карапетрова.
Со светата божествена архиерејска литургија чиноначалствуваше митрополитиот тетовско-гостиварски г. Јосиф заедно со повеќе свештеници од тетовското арихиерејско намесништво на Македонската православна црква - Охридска архиепископија. Божиќната порака ја прочита намесникот на тетовското намесништво, протојереј Дарко Наумовски.
