ПРЕМИЕРОТ ДАДЕ ИДЕЈА ДЕКА МАКЕДОНЦИТЕ МОЖАТ ДА ЛЕТУВААТ И ДОМА: Што би значело ова за хотелиерите?
Oткако премиерот Христијан Мицкоски рече дека Македонците не треба да очајуваат поради метежот на границите поради ЕЕС и дeка имаме прекрасни места дома каде луѓето можат да летуваат, некои граѓани велат дека сепак сакаат да одат на море, но има и такви што практикуваат да одмораат во Македонија. За 1-ви Мај се чекаше со часови на јужната граница, а властите во регионот веќе разговараат со Европската Унија(ЕУ) за да се најде решение.
„Сум летувала во Македонија и тоа значело во текот на седум дена да ги посетам Охрид, Струга и Крушево или пак да одам во Дојран и да го посетам и Берово. Но, повеќето луѓе во моето опкружување сакаат да одат на море, сакаат да бидат надвор од границите на Македонија“, додава наша соговорничка.
Крсте Блажески од ХОТАМ вели дека за хотелите би било добро доколку имаат и поголем број домашни гости.
„Секако процентот на домашни гости во хотелите на Охридско-струшкото крајбрежје е помал. Има хотели што не стигаат да реализираат ноќевања од домашните гости ни до 30 отсто, односно повеќето ноќевања се од странски туристи. Би било позитивно да има поголемо движење по хотелите, но тука има дисбаланс со приватното сместување. Хотелите се поскапи и домашните гости не можат да си дозволат такво сместување. Ноќевањата се прават повеќе од семинари, се бројат како домашни ноќевања, но оние кои се домашни посетители и кои остануваат повеќе ноќи се во помал број“, објаснува Блажески.
Стевче Доневски, градски хроничар и сопственик на етно куќа Шанчева во Кратово вели дека среќавал Македонци кои на возраст од 70 години за првпат доаѓаат во гратчето. Странците како што вели повеќе бараат автентични места како што е Кратово. Сепак додава дека кај Македонците интересот за посета е слаб. Објаснува дека луѓето во североисточниот регион можат да го посетат не само Кратово, туку и Крива Паланка, Лесново, и црквата Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане.
„Поголем е интересот од странски тур оператори и за посети и за ноќевање. Македонските туристи не го посетуваат Кратово, поради нехигиена, уличните кучиња и слично. Мал е бројот на македонски туристи кои доаѓаат, секој сака да оди во Грција или во Србија. Инаку, Кратово е многу живописен град. Кога би се средила хигиената, ученици, пензионери, можат да доаѓаат на еднодневни или дводневни екскурзии, ако е добро организирано, тоа може да функционира. За цела година кај мене само 5 отсто од гостите во хостелот се домашни туристи, а имало странци од цел свет, од Шведска, од Норвешка, од Франција, од Италија, од секаде“, рече Доневски.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски информираше дека земјите од регионот, во тесна соработка со Европската Унија(ЕУ) и нејзините земји членки, преземаат чекори за решавање на проблемот со метежот на граничните премини, кој е најизразен за време на летната сезона. Вели дека веќе се водат интензивни разговори на највисоко и на техничко-административно ниво за воведување олеснувања и за надминување на предизвиците.
И статистиката потврдува дека македонскиот туризам го движат странските посети. Според Државниот завод за статистика(ДЗС), во февруари 2026 година, од вкупниот број туристи, 32.6 отсто биле домашни, а 67.4 отсто биле странски туристи. Бројот на ноќевањата во февруари 2026 година изнесувал 94.652, од кои 38.1 отсто се од домашните туристи, а 61.9 отсто од странските туристи.
Сања Атанасовска