Премиер ги повика граѓаните една година да не купуваат златен накит
Индискиот премиер Нарендра Моди денеска ги повика граѓаните на Индија да не купуваат златен накит една година, со цел да се заштити трговскиот биланс на земјата, кој е загрозен од зголемувањето на цената на увозот на нафта поради војната со Иран.
Моди испрати јасна порака: привременото откажување од купување злато треба да помогне во зачувувањето на девизните резерви. Индија е еден од најголемите увозници на злато во светот, а таа индустрија вреди речиси 100 милијарди долари.
„Наместо во злато, подобро е да се инвестира во други сектори кои носат поголеми придобивки за економијата“, рече Моди, според индиските медиуми.
Оваа мерка би можела сериозно да влијае на малопродажниот сектор за накит и злато, кој вработува милиони луѓе низ целата земја, особено во руралните области каде што златото е традиционална форма на штедење и статусен симбол.
Индија веќе долго време се обидува да го намали увозот на злато со цел да го ублажи дефицитот на тековниот биланс на плаќања, а сегашното зголемување на цената на нафтата дополнително ја влоши ситуацијата.
