Економија, финансии, бизнис

Контакт

Преку управувањето со таленти до деловен успех?

Преку управувањето со таленти до деловен успех?
Во денешно време, главниот фокус во корпоративното управување со човечките ресурси во светот е свртен кон она што се нарекува менаџирање на таленти. Иако во споредба со развиеното ниво на функцијата на управувањето со човечките ресурси во западните земји, овој процес кај нас се уште изгледа како да е во зародиш, дури и на прв поглед е очигледно дека овој „организам“ и во нашата економија чекори по истите еволутивни стапки, иако со побавно темпо. пишува Крсте Панџак, Стопанска Банка Битола Во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, во развиените економии (особено во САД), деловната функција во компаниите која е одговорна за вработените се нарекува „кадровско одделение“. Исто како и во нашите кадровски служби и тука главната улога на оваа функција е насочена кон вработување кадар, исплаќање на плата, придонеси и дополнителни бенефиции. Ваквата кадровска служба во наши услови, пак, беше сведена на деловна функција која во себе содржеше бројни „технички“ операции кои на сите нам ни се добро познати: пријавување и одјавување на работен однос, на здравствено осигурување на работниците, водење основни статистики поврзани со работната сила, па се до делење „сини картони“. Во деведесетите години на минатиот век компаниите во развиените земји сфаќаат дека улогата на  управувањето со човечките ресурси е многу позначајна со што полека се раѓа стратешко управување со човечки ресурси. Во овој период на развој на човечките ресурси компаниите согледуваат дека службата за човечки ресурси има многу позначајна улога во насока на регрутирање на вистински кадар, обучување на тој кадар, помагање на менаџментот во дизајнирање на работни улоги и организациска структура, и функционирање како своевиден интерфејс за комуникација помеѓу вработените и менаџментот. Со самото ова шефот на кадровската служба прераснува во раководител на службата за управување со човечките ресурси и добива многу поважна улога во деловната стратегија и одлучувањето на менаџментот. Во оваа насока, може да се каже дека сега службата за човечки ресурси станува многу повеќе од деловна функција – прераснува во деловен партнер кој го помага менаџментот во управувањето и остварувањето на целите и мисијата на компанијата. Може да се каже дека денес кај нас комапниите полека но сигурно ја согледуваат токму оваа улога на управувањето со човечките ресурси, односно почнуваат да ја гледаат некогашната кадровска служба како значаен партнер кој преку својата стратешка улога при менаџирањето на работната сила има единствена цел да му помогне на менаџментот во раководењето на компанијата и во остварувањето на целите. Она што денес се случува на еволутивната скала на управувањето со човечките ресурси е менаџирањето на таленти. Улогата на управувањето со човечките ресурси влегува во нова ера, нешто што со сигурност ќе почне да се развива и кај нас. Иако сржта на управувањето со човечките ресурси се уште се состои од главните улоги на стратешкото управување, компаниите кои го прифатиле управувањето со таленти се фокусираат на цел еден нов сет на проблематики. Како да се изврши најсоодветниот пристап до таленти, како да се обезбеди посветеноста на вработениот на целите и вредностите на компанијата, како да се обезбеди усвојување нови знаења или како најсоодветно да се врши процесот на управување со луѓето со цел сите да бидат поставени на правите работни места се само дел од сетот проблематики со кои менаџирањето со таленти се обидува да го искористи потенцијалот на талентите притоа обезбедувајќи им пријатна работна атмосфера и  максимални примања од една страна и зголемување на профитабилноста на компанијата од друга. Оттука, службата за човечки ресурси треба се повеќе да се фокусира на водење на своите вработени низ сите фази од развојот на нивната кариера во компанијата, од регрутирање кое ќе се заснова на препознавање на компетентноста, преку професионален развој и развој на кариера, па се до преминување на друго работно место или престанок на работниот век. Важно е да не се заборави дека во текот на сите фази од работниот циклус на вработениот, управувањето со човечките ресурси подразбира и мерење и менаџирање на успешноста во работењето на секој вработен преку обуки, барање повратни информации и поддршка. Управувањето со таленти претставува главна компонента за деловен успех во секоја економија бидејќи им овозможува на компаниите да ги задржат врвните талентирани вработени при што паралелно ја зголемуваат продуктивноста на самата компанија, правејќи ја да работи ефективно и ефикасно и во исто време да претставува работна средина каде секој ќе посака да работи.
Слично

Поврзани вести