Економија, финансии, бизнис

Контакт

Преку развод до пари за издржување на своите деца!

Преку развод до пари за издржување на своите деца!
Биолошките семејства на лицата со интелектуална попреченост тонат  во очај и сиромаштија! Скоро 90 отсто од семејствата на лицата  со интелектуална попреченост се социјални случаи. Живеат  на работ на сиромаштијата, без пари и без работа-алармираат   од Републичкиот центар за подршка на лица со интелектуална попреченост –“Порака”. Од таму велат дека најчесто еден од родителите во биолошките семејства на овие лица,  а во голем случај и двајцата се невработени. Агонијата трае со години, а потребите за издржување на лицата со интелектуална попреченост се големи. Откако на почетокот на годинава се донесоа измените на Законот за социјална заштита со кој на самохраните родители за 50 отсто им се зголеми финансиската помош од државата, многумина  од биолошките  родители велат од “Порака”, се спремни да се разведат само да стигнат до денар повеќе  за издржување на своите деца.  Други пак поради бедата и сиромаштијата размислуваат да ги сместат своите деца во институција препуштајќи ја грижата на институциите. Д-р Василка  Димоска, вели дека секојдневно кај нив  во Центарот доаѓаат  родители од биолошките семејства на лицата со интелектуална попреченост. Секој со својата мака, но со слични финансиски проблеми. “Најчесто мајката поради грижата за своето дете со интелектуална попреченост не е во можност ниту да заснова работен однос, без разлика на нејзините квалификации и можност за работа. Сето тоа го оптоварува семејниот буџет  кој и така е оскуден. Сиромаштијата и интелектуалната попреченост се во еден затворен причинско -последователен круг кој само се продлабочува. Во таа насока ново воведеното право за паричен надоместок за самохрани родители на деца со интелектуална попреченост ги предизвика биолошките семејства да размислуваат за развод со цел да го остварат ова право на финансиска подршка на самохран родител. Како второ решение во оваа ситуација кога не се подржани од државата е да ги сместат своите деца во институција препуштајќи ја грижата за нивното дете на институциите”-вели д-р Димоска. Од “Порака” велат дека  за овие лица нема организирана специјализирана здравствена заштита, а квалитетот на здравствените услуги не секогаш е задоволителен. Лицата со интелектуална попреченост над 26-годишна  возраст не се ослободени од плаќање на учество при користење на здравствени услуги. Непостоењето на различни социјални сервисни служби во местото на живеење ја ограничува нивната можност за избор каде и како да живеат во заедницата. Во оние локални заедници каде постојат дневни центри, се вклучени во одредени програми за стекнување на вештини за самостоен живот. Но,  во  Македонија, велат,  се уште е  недoволно развиена мрежата на сервисни служби за поддршка и  секојдневна грижа, а и потребна придружба е сведена само на членови на семејството. Република Македонија во декември 2011 година  ја ратификуваше Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост со која  се обврза дека ќе работи на создавање услови кои ќе овозможат целосно вклучување на лицата со попреченост во општеството, на еднаква основа со другите граѓани. Она што недостасува велат од “Порака”,  е унапредување на законската рамка и политиките кои ги опфаќаат нивните права. Имајќи ја Конвенцијата како основа,  во 2013 година спровелe  истражување и анализа за состојбите во Република Македонија во однос на  имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Анализата на податоците од истражувањето говори дека најголемите аномалии сеуште се во подигнувањето на јавната свест, социјално-здравствената и образовната инклузија како и вработувањето на овие лица. Во однос на јавната свест, евидентно е отсуството на континуирани акции за информирање на јавноста за правата и потребите на лицата со интелектуална попреченост на национално и на локално ниво, како предуслов за развивање на јавни ставови за почитување на правата на лицата со попреченост и за промовирање на позитивни перцепции, како и поголема социјална свесност кон лицата со попреченост. “Реформскиот процес за инклузија (вклучување) на децата со интелектуална попреченост во редовен образовен систем се одвива со потешкотии. Во  неколку општини се преземаат иницијативи за ангажирање на мобилни дефектолози во редовните училишта како поддршка на децата со посебни образовни потреби со цел да можат непречено да се вклучат во наставната програма. Наставниците во редовните училишта немаат соодветна обука за работа со деца со посебни образовни потреби и затоа се соочуваат со потешкотии доколку во својот клас имаат дете со посебни образовни потреби”-вели д-р Василка Димоска од Републичкиот центар за подршка на лицата со интелектуална попреченост  “Порака”. Проблеми потенцираат има и од  аспект на вработувањето, бидејќи  недостасуваат центри за работно оспособување и обука за учење на работни вештини. Родителите  според нив, укажуваат  дека лицата со лесна интелектуална попреченост се привилегирани во однос на правото на вработување. Иако постои законска можност за вработување на лицата со потежок степен на интелектуална попреченост, истите многу ретко се вклучени во работен процес. Од  “Порака” порачуваат дека особено е важно да се осигура учество на лицата со попреченост и нивните репрезентативни организации да бидат  вистински вклучени во процесите на донесување одлуки и креирање политики. Тоа ќе обезбеди програмите ефективно да ги задоволат потребите на лицата со попреченост, во согласност со меѓународно усвоената парола на лицата со попреченост “НИШТО ЗА НАС – БЕЗ НАС”. С.Б.
Слично

Поврзани вести