Прекин на седницата – решение за да не се верификуваат оставките на опозицијата
Собранискиот спикер Трајко Вељаноски ја отвори и веднаш ја прекина четвртата седница на овој собраниски состав, на која требаше да бидат констатирани оставките на опозициските пратеници.
Ваквиот потег се толкува како обид на владејачкото мнозинство да отвори пат за преговори со кои опозицијата ќе се врати во законодавниот дом.
Вељаноски за ова упати и апел до опозиционерите да ги стават во преден план државните интереси.
„Македонија е држава со цврста определба за натамошен демократски развој. Уверен сум дека оваа национална цел е определба на сите пратеници, без оглед дали се присутни на седеницата или се надвор од Парламентот. Во таа смисла, длабоко свесен за интересите на државата, како претседател на законодавниот дом, одлучлив да оставам простор за натамошен развој на политичкиот дијалог и разбирањето меѓу партиите. Македонија мора да продолжи со силно темпо да ги реализира целите за натамошен развој на односите со ЕУ и НАТО, без оглед на политичките разлики, а тоа мора да сториме заедно и сплотени. Затоа, ја прекинувам седницата на која треба да ги констатираме оставките на наши колеги пратеници, за продолжението ќе бидете дополнително известени“, рече Вељаноски, не прецизирајќи кога ќе биде продолжението на седницата.
Уставот и законите не предвидуваат можност во целост да се одложи констатацијата на оставката депонирана од пратеникот. Собранието за оставката не расправа, туку само ја констатира на првата наредна седница. Затоа, коментираат експертите, единствено можно решение беше седницата да се отвори, но веднаш да се прекине пред да се стигне до констатацијата на оставките.
Неофицијално, во игра била и опцијата да се инсистира на присуство на пратениците од опозицијата во салата и образлагање на оставките, но претходно за пратеникот на НДП Руфи Османи оставката беше прифатена во писмена форма, без образлагање.
Со оглед на тоа што Собранието денеска не ги констатира оставките на опозициските пратеници, она што веројатно ќе следува е лидерска средба свикана од претседателот Ѓорге Иванов, во обид да се надмине политичката криза, велат партиски извори. Дипломатски извори, пак, за Дојче веле најавуваат и поголема ангажираност на меѓународната заедница за излез од новиот политички ќор-сокак во кој влезе Македонија.
Петер Ванхоуте, белгискиот експерт кој на предлог на ЕУ учествуваше како медијатор во ад-хок Комисијата за расветлување на настаните од Собранието на 24 декември 2012. година, повторно е ангажиран во Скопје, дознава неофицијално Дојче веле. Овој експерт за независност и јакнење на парламентот како институција, веќе „одреден период“ водел разговори со раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се воспостави дијалог и да се надминат пречките за враќање на опозицијата во Собранието. Според истите извори, засега немало директни разговори Заев – Груевски, туку само одвоени средби на партиските лидери со европскиот посредник.
Слично
