Преговорите возат во рикверц, има уште неколку часа за имплементација на договорот!
Имаме уште 20 часа да се договориме за техничка влада и изборот на специјален обвинител, изјави претседателот на Социјалдемократскиот сојуз Зоран Заев по залудната средба на лидерите на најголемите партии .
"Нема договор. Располагаме со уште 20 часа за да се договориме за техничка влада и изборот на специјален обвинител", изјави Заев по завршувањето на средбата, што се одржа под покровителство на еврокомесарот Јоханес Хан во претставништвото на ЕУ во Скопје.
"Осум часа беа изгубени, за да се забранат " бомбите ", за да може да се казнуваат новинарите и медиумите. Не можеме да разбереме - ниту јас, ниту нашиот тим за преговорите, ниту јавноста, како за некои забраната на" бомбите "може да е поважна од европската иднина на земјата и граѓаните. Нема рационално објаснување за тоа ", објасни Заев.
"Остануваат уште 20 часа за да се примени законот за специјален обвинител и да се избере службената влада, за да биде исполнет претходниот договор. Се е многу едноставно. Ако нема договор, ќе го изразиме јавно нашето мислење. Нашата позиција е дека не треба да има 5 години затвор за новинар или медиум, кој објавил материјал од "бомбите", категоричен е Заев.
"Нема да дозволиме воведувањето на не-европски закони. Никој не може да се согласи за такви закони. Наместо да одиме кон ЕУ, одиме назад. Меѓународната заедница си ја зеде бељата со овие преговори, бидејќи некои во Македонија се обидуваат само да одолговлекуваат" , рече уште лидерот на опозицијата Заев.
Инаку преговорите покрај маратонските преговори крахираа утрово .
Еврокомесарот Хан разочаран.
„Разочаран сум, ова беше лош ден, но се уште сум оптимист. Политичките лидери треба да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и да покажат лидерство. Не може Европа да носи одлуки за македонските лидери“, рече Хан и ја напушти резиденцијата на ЕУ во Пржино.
Тој предупреди и дека овој дебакл на преговорите може да се одрази на македонските евроинтеграции со оглед дека за околу две недели се очекува објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија и прашање е дали ќе има препорака за пристапни преговори со ЕУ.
Потсетуваме дека во Македонија мора да се одржат предвремени парламентарни избори во април следната година.
