Преговорите во ќорсокак, странците ќе понудат и закон и обвинител!
Разликите уште повеќе се продлабочиле кога на маса биле понудени неколку имиња за специјален јавен обвинител кој засега никој официјално не сака да ги открие. Она што е извесно е дека работата на специјалниот обвинител ќе биде мониторирана од страна на странски експерт, како гаранција за непристрасност при процесуирањето на случаиите „Прислушување “ и Пуч“.
Горазд Чомовски
Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика ќе го има клучниот збор за разрешување на разликите околу изборот на специјалниот јавен обвинител откако преговорите меѓу партиската четворка по ова прашање влегоа во ќорсокак.
“Не се исклучува Јоханес Хан во Скопје да допатува и пред 18 септември како што првично беше најaвено , поради бавното спроведување на договорот од Пржино. Тоа би се случило доколку амбасадорите на САД и ЕУ Џес Бејли и Аиво Орав, за време на викендот не успеат да ги приближат позициите меѓу партиите ,“ велат извори за Фактор. Според дипломати, во ЕУ не се задоволни од динамиката со која се реализираат обврските договорени во резиденцијата на евроамбасадор. „Ако не биде запазена временска рамка за изборот на специјалниот јавен обвинител тоа ќе биде прв индикатор за можно пролонгирање на парламентарните избори кој би требало да се одржат на 26 април следната година . Но сепак Вашингтон и Брисел нема да дозволат политичките преговори во Македонија да доживеат фијаско, особено по силниот притисок кој беше извршен врз лидерите на партиите”. Како што дознава Фактор постојат сериозни концепциски разлики од тоа дали специјалниот јавен обвинител да функционира незазависно од Јавното обвинителство или овој нов орган да биде формиран како посебен оддел што бил бил во рамките на постојното Обвинителство.
Спорен е и бројот на заменици обвинители. Две солуции се во игра – Специјалниот обвинител самиот да определува колку заменици му се потрбни, како и непосредни истражители кои би биле под “негова” команда. Втора е повеќе дилема – како да се направат достапни доверливи податоци за финасиските текови, во земјата и особено во недопирливите финансиски оази. Дипломатите детектирале дека постојните безбедносни структури кои се под влијание на власта и се директни кадри на владејачката партија во МВР, УЈП, Агенцијата за разузнавање и Финасиската полиција, добиле директива да ја опструираат истрагата за индициите или фактите околу делата што се детектирани со прислушувањето.
Разликите уште повеќе се продлабочиле кога на маса биле понудени неколку имиња за специјален јавен обвинител кој засега никој официјално не сака да ги открие. Она што е извесно е дека работата на специјалниот обвинител ќе биде мониторирана од страна на странски експерт, како гаранција за непристрасност при процесуирањето на случаиите „Прислушување “ и Пуч“.
Судијката во Европскиот суд за човекови во Стразбург д-р Мирјана Лазарова Трајковска во интревју за Фактор (26.08.2015) оцени дека најдобро решение е ако специјалниот јавен обвинител биде личност од редот на јавното обвинителство или од судството.
„На таа институција ќе и треба сеопшта прифатеност и јавна поткрепа за да може да одговори на мандатот кој ќе го добие. Правичното и правилното фукционирање на оваа институции мора да се има на ум. Без законско дефинирање на неговите надлежности, на стуктурираноста, на неговата поставеност во однос на јавното обвинителство и на другите органи ќе биде тешко да профункционира. Сигурно ќе треба измени не само во однос на законот за јавното обвинителство, но измени и дополнувања и во други закони кои ја уредуваат работата на други органи или во закони од процесна природа“, оцени за Фактор д-р Мирјана Лазарова -Трајковска .
Белгискиот експерт Питер Ванхојт, како медијатор во преговорите изјави дека една од најголемите партии не почитува никаков краен рок и не го почитува она што досега е договорено. Со дипломатски речник прстот го впери кон тимот на ВМРО-ДПМНЕ.
“Подготвивме драфт верзија за измена на законот за избор на специјален обвинител, и дискутиравме и за можни имиња. Сепак, имаме сериозни проблеми. Кога преговараш велиш збор си е збор, ако се согласиш на нешто, тоа е тоа, ако се согласиш за краен рок, тогаш го почитуваш крајниот рок. Ова не е начин на кој може да се преговара, ниту пак да се постигне договор, ако не го почитуваш она што е договорено на маса “, изјави Ванхојт .
Засега нема најава кога ќе продолжат преговорите, но не се исклучува амбасадорите на САД и ЕУ во текот на викендов да ги повикаат на средба преставниците на четирите партии.
Слично
