Економија, финансии, бизнис

Контакт

Преговори за војната во Украина – САД брзаат

Преговори за војната во Украина – САД брзаат

Првите тристрани преговори во Абу Даби меѓу САД, Русија и Украина, зад цврсто затворени врати, поминаа на општо задоволство! Барем според изјавите од земјите учеснички во нив. И Американците и Русите и Украинците се задоволни од нив. Дури најавено е и нивно продолжување на 1 февруари. Во меѓувреме ќе се анализираат предлозите и дебатите од преговорите. Сите имаат своја домашна задача. Американците да притискаат и да брзаат кон решение. Русите кон реализирањето на нивната „променета“ програма – максимум, а Украинците кон она што може да се направи да не се даде целата територијата на Донбас под руска контрола. Останаа уште околу 5.000 квадратни километри. А притоа да се добијат максимални гаранции за безбедност од САД.

Забележително, овде ја нема Европа. Од учениците во разговорите никој не ја ни бараше. Дури и Украина. Нејзиниот претседател Владимир Зеленски смета на безбедносни гаранции од САД и Европа. Гаранции кои ќе го означат и датумот за крај на војната. Според него, документот за гаранции од САД веќе е готов во целост. Обострани гаранции! Се чека датум и место за негово потпишување, Своевремено тој зборуваше за потпишување на таков документ по крајот на војната. Документ кој ќе биде ратификуван во Конгресот и во Радата.  На што настојуваше Украина, како гаранција дека на тој начин документот ќе важи и за новите американски претседатели.  Инаку, Зеленски нагласува дека имало многу проблематични прашања, но сега се помалку.

„Соединетите Американски Држави бараат компромис, а почетните тристрани преговори се првиот чекор кон наоѓање заедничко решение. За да се постигне компромис, сите страни мора да бидат подготвени за него. Патем, тоа ја вклучува и американската страна“, истакна Зеленски вчера при посетата на Литванија. Значи и САД инсистираат на нешто. Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф тврдеше дека документот за гаранции на безбедноста практично е готов, но останува да се усогласи уште едно важно прашање. А тоа, најверојатно, е проблемот со териториите. И токму тука Зеленски очекува компромис од САД, а не само од Русија. Оваа, пак се повикува на преговорите на Трамп со рускиот претседател, Владимир Путин, на Аљаска каде што, по разговорите, еден од условите за мир во Украина беше повлекувањето на украинската војска од целиот Донбас. И ова ќе биде најсуштинското прашање на продолжените преговори на 1 февруари.

ОЧАЈ ИЛИ ГЛУМА

Гаранциите за безбедност од Европа се сведени на барањето јасна перспектива за влегување на Украина во Европската унија. И тоа до 2027 година. Тоа Зеленски го повтори и вчера, инсистирајќи на конкретен датум. Секако тука се подразбираат и материјалните потреби на Украина, кои од сегашното раководство на ЕУ не се доведуваат во прашање. Русија се противи на присуство на западни(европски)  војски во Украина. Сите знаат дека најважни од се’ се американските гаранции. Добри се намерите на „Коалицијата на согласните“, но Украина настојува токму на американските гаранции. Впрочем и разместувањето на европски сили беше

условено со давање американски гаранции за нивна безбедност, доколку би биле нападнати од Русите.

Зачудува однесувањето на Зеленски во Давос, каде што и „расплака“ мајка на Европската унија за тоа дека не работела, дека треба да биде како САД и сл. Го знаеме односот на Путин и на Трамп кон ЕУ, но ова не се очекуваше од Зеленски.  Токму Европската унија е најголемиот приврзаник на Украина. Намалувајќи го нејзиното значење, значи терање вода на воденицата на Трамп и Путин. Можеби Зеленски беше очаен, можеби глумеше, поддржувајќи и фалејќи го Трамп, колку да го држи за себе, бидејќи ќе му треба, и тоа многу, во преговорите со Русија. За таквиот однос на Зеленски веќе се слушнаа критики од некои членки на Унијата.

На средбите во ОАЕ имаше многу генерали, за разлика од досегашните средби во Истанбул. Дури и американскиот генерал, Алексус Гринкевич, командант на Обединетите сили на НАТО. Очигледно дека работите се дојдени до воено-технички прашања. Веројатно разграничување на војските, тампон зони, контроли, неутрални сили,  воени техники и сл. „Видовме многу почитување во преговарачката сала меѓу страните бидејќи тие се трудеа да најдат решенија. Дојдовме кон навистина најситните детали, а следната недела, ако даде Бог, ќе има нова средба, каде што ќе го придвижуваме овој договор кон неговата конечна форма“, рече американски функционер за „Ројтерс“. Чим работите се дојдени до деталите, тогаш навистина може да се зборува за некаков напредок во преговорите. Бидејќи од деталите се составува и поголемата слика.

ТРАМП Е РАСТРГНАТ

Ова зборува дека Русија се откажала од ставот дека потребен е договор за сеопфатен мир, но и од прекин на воените дејства, што бараше Трамп летоска. Ќе биде нешто измеѓу. Зеленски зборува за некаков  договор за крај на војната. Да не излезе моделот од Северна и Јужна Кореја. Но што понатаму? Двете Кореи немаат потпишано мировен договор до ден денес. Во моментов не е јасно како е замислен договорот за крај на војната во Украина. Знаеме дека Русија имаше и многу други барања. Отстранување на корените на кризата, па правата на рускојазичните, па не членување на Украина во НАТО, па статусот на Украинската православна црква, па денацификација...И Украина имаше свои барања. На пример репарации, судења за воен криминал, враќање на заробените војници... Планот на Трамп од 28 точки беше препрочитуван, коригиран, дополнуван, па заедно со Европа, сведен на 20 точки. Не знаеме каков е односот на Русија кон него.

Патот до решението за Украина ќе биде долг. Допрва ќе следат нови и нови преговори. Американците брзаат. Најдобро за нив би било да го симнат од дневен ред ова прашање што побрзо. Но тоа не зависи само од нив. Ним им се брза поради состојбите што ги имаат дома, па и изборите во ноември за нови членови на претставничкиот дом и сенатот. Трамп е растргнат од Минесота, па се до Иран, Венецуела, Канада, Иран, Куба, Украина му е „болка“ што не ја отстрани за 24 часа, како што ветуваше. Трамп сака да и докаже на Европа дека таа сама секогаш ќе погледнува кон САД, кога ќе сака да реши некое прашање. А најмногу да му докаже на Путин, дека го држи дадениот збор. Но за сето ова треба време. А тоа врви. И не е случајно брзањето на Трамп околу Украина, иако понекогаш вели дека  ќе крене раце од се’.

ИМИТИРАЊЕ ПРЕГОВОРИ

Во Украина, пак, нема многу верба во преговорите. За некои преговорите не се водат во ОАЕ или во Давос, туку на фронтот.  Првиот е на копно. Вториот е уништувањето на рускиот нафтен буџет со удари врз руските рафинерии, а третиот се руските напади врз украинската инфраструктура за да се принудат Украинците на капитулација. Перспективите за мир ќе зависат од резултатите од овие судири. Во Украина има тврдења и дека преговорите се имитација. Па оттука и прашањето: дали некогаш ќе се одржат вистински преговори со Русија? „Практично нема објективни предуслови за ова во наредните години, дури и ако економскиот и воениот потенцијал на непријателот е значително намален. Напротив, ќе видиме постепено избледување на војната, а нашите примарни напори треба да бидат насочени кон исцрпување на руските ресурси. Учеството во имитирање процес на преговори насочен кон спречување на САД да се откажат од притисокот врз Москва е суштински дел од таквите напори“, пишува познатиот новинар, Виталиј Портников.

Што е најважно од се’ она што се случуваше во ОАЕ? Намерата и најавата дека преговорите ќе продолжат. Кога се водеа преговори во Истанбул, ќе се договореше размена на заробеници или загинати војници, и толку. До нови преговори, ако ги има. Сега и Украина и Русија сакаат да ги сочуваат САД како активен играч во преговорите. Да не го налутат Трамп. Па тој својата лутина да ја насочи кон едните или другите. Што зборува дека и на едните и на другите им е од полза некој друг да ги води кон мир. Кој очигледно го посакуваат. Па било и Трамп.

И една оптимистичка нота, а можеби и потврда дека обете страни сакаат да престане војната. Axios, повикувајќи се на еден извор, пренесе дека на крајот од вториот ден од преговорите, сите три делегации заминале на заедничка вечера. „Имаше момент кога сите изгледаа како пријатели“, рекол изворот. Индикативно. И во Шевенинген, во затворот, непријателите од војните во поранешна Југославија  не беа непријателски расположени едни на други. Се пренесуваше дека дури се дружеле.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Слично

Поврзани вести